Инфо

Денеска во 18 часот се укинува бесплатниот јавен превоз во Скопје

Укинувањето на бесплатниот превоз и на интервентните препораки доаѓа откако Министерството за животна средина информирало дека е намалено загадувањето и среднодневните концентрации на ПМ10 честичките се под прагот на алармирање

вторник, 22 јануари 2019

Денеска од 18 часот се укинуваат вонредните мерки што беа воведени на 20 јануари 2019 година за намалување на аерозагадувањето во Скопје. Тоа значи дека по 18 часот нема да има бесплатен јавен превоз, а ќе бидат укинати и интервентните препораки.

„По добиените информации од Министерството за животна средина и просторно планирање дека среднодневните концентрации на ПМ10 честички во воздухот се под дефинираниот праг на алармирање од 200 микрограми на кубен метар и епизодата со зголемено загадување во текот на два последователни дена е прекината, Градот Скопје ги известува граѓаните дека денеска од 18 часот се укинуваат вонредните мерки меѓу кои e и бесплатниот јавен превоз, како и интервентните препораки за намалување на загадувањето на воздухот што беа воведени на 20 јануари 2019 година. Овие мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот ќе се воведат повторно доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот, а за што граѓаните ќе бидат навреме информирани“, се вели во соопштението од Град Скопје.

И покрај расчистувањето на воздухот надлежните апелираат до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, а за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал.


 

Содржината е прочитана 149 пати.