Бизнис вести

Челичната индустрија ќе претрпи штети од новите квоти во ЕУ, но нема да има отпуштања на работници

Металуршките компании, со оглед на тоа што очекуваат драстрично намалување на производството и помали приходи во наредните три години, очекуваат и државата да понуди некакви мерки за ублажување на ситуацијата

понеделник, 21 јануари 2019

На 150 милиони евра се проценети директните штети што ќе ги претрпат производствените капацитети од челичната индустрија откако на почетокот на наредниот месец ќе почнат да се применуваат новите квоти за увоз што ги најави ЕУ.

Но, и покрај тоа од домашната челична индустрија уверуваат дека фабриките ќе продолжат со работа и дека нема да има отпуштање на вработени. Сепак, со оглед на тоа што очекуваат драстрично намалување на производството и помали приходи во наредните три години, очекуваат и државата да понуди некакви мерки за ублажување на ситуацијата. Иако сметаат дека нема многу механизми на располагање, металуршките компании ќе бидат задоволни со било какви владини мерки за поддршка.

„Мерките ја погодуваат целата челична индустрија.Таква ситуација сме немале од поодамна. Тоа значи дека сите челични производи, со исклучок на бетонското железо од ’Дојран стил’се погодени со овие ограничувања -цевките и профилите, топловаланите и ладноваланите лимови, поцинкуваните лимови. И сето тоа кај оваа индустриска структура внесува голема загриженост, бидејќи по една добра година како 2018 кога првпат почувствуваме стабилизирање на пазарот и малку понормални пазарни текови повторно ќе се соочиме со ограничувања што оваа ситуација ќе ја направат прилично неизвесна во наредните три години“, рече Митко Кочовски претседател на Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека она што е проблем е што се земени предвид годините 2015, 2016 и 2017 година, кога празарните прилики биле поприлично неповолни.

Кочовски појасни дека загубите во делот на извозот на цевки и профили ќе биде 45 милиони евра годишно или 135 милиони евра за трите години. Дополнителен проблем, како што рече, ќе биде и влијанието од антидампшките истраги што се водат против трите производители во земјата и кои треба да завршат до средината на годинава. Кај топловаланите производи од „Макстил“, пак, како што посочи, загубите ќе бидат 25 милиони евра годишно.

Ваквото ограничување, според Кочовски ќе има влијание на сите индустрии што се поврзани со нивното работење, односно сите снабдувачи на суровини, материјали, услуги транспротни услуги, енергетика и се дурго во ланецот на снабдување.

„Не сакаме да создаваме нервоза, но дека ќе има реперкусии на вкупните економски показатели, ќе има. Кај оваа групација тоа посебно ќе биде изразено, ќе се рефлектира на нивните развојни планови, на динамиката на индустриското производство, трошоците на работење и ќе треба со вакви проблеми да живееме во наредните три години, бидејќи единствениот пазар е Европа, каде се пласира над 60 отсто од производството“, рече Кочовски.
 

Содржината е прочитана 202 пати.