Бизнис вести

Универзален снабдувач со струја до февруари

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски очекува на почетокот на февруари да се одржи аукцијата на која понуди ќе дадат двете компании кои се јавија на тендерот, ЕВН Снабдување и ЕЛЕМ Трејд. Почетната цена на аукцијата ќе биде 14,4 проценти, колку што изнесува најниската понуда што првично ја има дадено ЕВН Снабдување

петок, 18 јануари 2019

Изборот на универзален снабдувач со електрична енергија ќе заврши многу порано отколку што е планирано со Законот за јавни набавки, најави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски, потенцирајќи дека најверојатно на почетокот на февруари ќе се одржи аукцијата на која понуди ќе дадат двете компании кои се јавија на тендерот, ЕВН Снабдување и ЕЛЕМ Трејд. Почетната цена на аукцијата ќе биде 14,4 проценти, колку што изнесува најниската понуда што првично ја има дадено ЕВН Снабдување.

„Јас сум еден од членовите на комисијата која работи на евалуација на понудите. Во текот на наредната недела ќе се знае кога ќе почне аукцијата и кога ќе заврши целиот процес. Ќе заврши многу порано од рокот од 80-ина дена што беше определен по објавување на понудите на 13 декември минатата година. Верувам дека кон крајот на овој, или на почетокот на следниот месец ќе има и аукција на која двете компании ЕВН Снабдување и ЕЛЕМ Трејд ќе можат да дадат соодветни понуди“, рече Бислимовски.

Тој истакна дека снабдувачите засега не покажуваат голема заинтересираност за понуди за домаќинствата, иако целосната либерализација на пазарот на електрична енергија започна од 1 јануари годинава. Причината за тоа, според Бислимовски, е зголемувањето на цените на регионалниот пазар на електрична енергија.

„Имајќи во предвид дека домаќинствата во овој момент имаат цена од 73 до 74 евра за мегават час, додека на слободниот, како и на регионалниот пазар само набавната цена без вклучување на мрежарините е околу 70 евра, апсолутно нема интерес кај снабдувачите да нудат нешто што од напред се знае дека би било далеку поскапо. Се надевам дека со паѓање на цените на пазарите, особено на регионалниот пазар, снабдувачите ќе покажат интереси да понудат пакети за домаќинствата“, рече Бислимовски.

Посочи дека снабдувачите, генерално, во моментов се насочени кон комерцијалните потрошувачи каде, како што кажа, реално ќе има намалување на нивните трошоци за електрична енергија.

„Компаниите покажуваат интерес за излез на слободниот пазар, но дури во февруари или март ќе може да видиме дали им е зголемено портфолиото на снабдувачите. Нашите очекувања се дека ќе биде зголемено“, нагласи претседателот на РКЕ.

Бислимовски очекува во текот на следниот месец да заврши изработката на Студијата во МАНУ за снабдување со топлинска енергија, што ќе се искористи како основа за изработка на новите правила за снабдување со топлинска енергија што ќе бидат донесени веднаш потоа. Тврди дека редовните корисници на ниту еден начин нема да бидат оштетени со новите правила, бидејќи, како што вели, не е фер коректните потрошувачи да го понесат товарот за оние кои биле исклучени од системот.
 

Содржината е прочитана 195 пати.