Инфо

КСС: Јавната администрација станува социјална категорија, просечната плата 18.000 денари

четврток, 17 јануари 2019

Со просечна плата од 18.000 денари јавната администрација е дискриминирана и станува социјална категорија, беше речено на денешната прес конференција на Конфедерацијата на слободни синдикати.

Претседателот на КСС, Благоја Ралповски ги повтори барањата за усогласување на платите со минималната плата и за исплата на К-15 во јавниот сектор и уште еднаш потенцираше дека се против трансферот на вработените од јавниот во приватниот сектор.

„Просечната плата во јавната администрација е 18.000 денари. Кога од овие пари ќе ги одземете храната и превозот, тогаш јавната администрација станува социјална категорија со социјални примања“, истакна Ралповски.

Тој рече дека нивните барања кои се легитимни и во согласност со законите, се уште не се исполнети иако е поминато една година од протестот одржан во Скопје на 17 јануари минатата година и еден месец од последниот протест. Доколку не им бидат исполнети, од Конфедерацијата најавуваат нов протест на 26 јануари во Штип.
 

Содржината е прочитана 203 пати.