Бизнис вести

„Фени“ излезе од стечај

„Гсол“ има обврска да го спроведе Планот за реорганизација во рок од три месеци, а надзор врз целата постапка ќе врши стечајниот управник. Според Законот, доколку планот не биде спроведен, можно е комбинатот повторно да отиде во стечај

четврток, 17 јануари 2019

„Фени индустри“ излезе од стечај. Апелацискиот суд во Скопје ја потврди одлуката на Судот во Велес со која се потврдува правосилноста на Планот за реорганизација на кавадаречкиот комбинат поднесен од компанијата „Гсол“, со што тој станува извршен документ во согласност со одредбите од Законот за стечај.

Со тоа се отвора можност закупецот „Гсол“, преку својата македонска фирма „Еуроникел“ да стане и сопственик на „Фени“. Од компанијата велат дека со ова се отвора можност за нови инвестиции, со што комбинатот ќе го врати некогашниот сјај и значење за македонската економија.

„И покрај многуте обиди да се стави сомнеж на исправноста на процесот за решавање на судбината на комбинатот, последната и конечна одлука на Судот докажува дека не се констатирани никакви неправилности, а стечајната постапка на ’Фени’ беше регуларно и транспарентно спроведена за да резултира со потврден План за реорганизација и сигурна иднина за комбинатот и за сите што се засегнати од неговото работење. После сите превирања, оваа одлука најголемо значење има за вработените, за фирмите кои соработуваат со ’Фени’ и за целиот кавадаречки регион. Денес се става крај на периодот на несигурност, сомнеж и проблеми за ’Фени индустри’ и започнува периодот на инвестиции, раст и стабилност за компанијата. Завршувањето на формалниот процес на стечај му овозможува на комбинатот да се насочи кон одржлива иднина како сигурен снабдувач на светскиот пазар на фероникел и со тоа повторно да стане еден од најголемите извозници во земјата, како и да го даде својот значаен придонес кон растот на БДП“, рече Маркос Камхис, директор на „Гсол“.

Со Планот е предвидено да се подмират сите побарувања на доверителите, да се вработат помеѓу 700 и 800 работници, од кои најголем дел се вработените во „Фени“, да се рестартираат нови производствени линии.

„Целосно се заштитени правата на сите доверители и на вработените, а продолжувањето со работа на ’Фени’ ќе има значајно влијание врз целата македонска економија, Во стечајна постапка со над 1.000 доверители и утврдени побарувања од над 68 милиони евра, во изминатите месеци органите на постапката во рамки на Законот за стечај носеа законски одлуки кои придонесоа за опстанок на комбинатот. Решението само стави печат на законитоста на целата постапка. По заокружување на преостанатите процесно-правни дејствија, стечајната постапка ќе се заклучи како една од најуспешните стечајни постапки во Македонија и ќе претставува пример за успешна примена на Законот за стечај“, вели стечајниот управник на „Фени“, Мирослав Анастасиевски,

„Гсол“ има обврска да го спроведе Планот во рок од три месеци, а надзор врз целата постапка ќе врши стечајниот управник Анастасиевски. Според Законот, доколку планот не биде спроведен, можно е комбинатот повторно да отиде во стечај.

Стечајната постапка во „Фени“ траеше речиси 14 месеци. Комбинатот од Кавадарци престана со работа во октомври 2017 година, откако фабриката западна во огромни долгови. Стечајната постапка беше отворена во ноември истата година. Според условите на договорот за процесирање на руда, кој му беше доделен на „Гсол“ по спроведена тендерска постапка, „Еуроникел“ повторно започна со производство на фероникел во февруари 2018 година.
 

Содржината е прочитана 185 пати.