Инфо

УПОЗ бара 7 часовно работно време, а 2 јануари и 2 мај да бидат неработни денови

Според првиот човек на УПОЗ, Пецо Грујовски, време е Македонија да се приклучи на европските трендови, така што во новиот Закон за работни односи, што е во фаза на изработка, да се утврди седумчасовен работен ден, односно 35-часовна работна недела

среда, 16 јануари 2019

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на (УПОЗ) ќе поднесе Иницијатива за воведување седумчасовно работно време, како и прогласување на 2. јануари и 2. мај за неработни денови.

Претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски вели дека е време Македонија да се приклучи на европските трендови, така што во новиот Закон за работни односи, што е во фаза на изработка, да се утврди седумчасовен работен ден, односно 35-часовна работна недела.

„Со седумчасовното работно време ќе се врши подобра распределба на трудот. Намалување на работното време за 10,2 проценти од секој работник, теоретски ќе доведе до потреба од ангажирање на дополнителен број работници. Од социјален аспект, нашето барање го аргументираме со тоа што ќе се зголемат можностите за грижа кон семејството и рекреација“, рече Грујовски на дееншната прес конференција.

Што се однесува, пак, до иницијативата за измена на Законот за празници, Грујовски нагласи дека реакциите на одлуката на Владата 2 јануари да го прогласи неработен за администрацијата беа позитивни и кај вработените во администрацијата и стопанството.

„Бидејќи во овој период од годината работните процеси се сведени на минимум како во јавниот, така и во приватниот сектор, предлагаме 2. јануари повторно да биде прогласен за празник и со тоа за неработен ден. Исто така, сметаме дека треба да продолжи и традицијата на одбележување на меѓународниот ден на трудот и покрај 1-ви и 2-ри мај да биде прогласен за празник“, рече Грујовски.

 

Содржината е прочитана 231 пати.