Бизнис вести

Македонска берза за 119,78 отсто го зголеми вкупниот промет во 2018

Во периодот јануари-декември 2018 е остварен вкупен промет од 10.414.067.246 денари, класичното тргување е зголемено за 68,14 проценти во однос на 2017, а блок трансациите за 189,44 отсто

среда, 16 јануари 2019

Македонската берза минатата година го зголеми вкупниот промет за повеќе од 100 проценти во однос на 2017 година. Податоците на Берзата покажуваат дека за периодот 1 јануари до 31 декември 2018 година вкупниот промет изнесувал 10.414.067.246 денари, што претставува зголемување за 119,78 отсто во однос на претходната година.

Во Годишниот статистички билтен на Македонската берза за 2018 е забележано за 68,14 проценти зголемено класично тргување споредено со 2017 и изнесува 4.889.152.889 денари. Во периодот јануари – декември 2018 година биле истргувани акции во вредност од 4.358.179.597 денари и обврзници во вредност од 530.973.292 денари. Притоа блок трансакциите изнесувале 5.261.265.006 денари, што е зголемување за 189,44 отсто во споредба со претходната година. Пораст од 47,48 отсто има и кај вкупниот број на трансакции, кој изнесувал 23.932, додека индексот МБИ се позиционирал на 3.469,03 поени, што е за 36,64 проценти повеќе во однос на 2017.

Најтргувани акции на официјалниот пазар на Македонска берза за 2018 година се акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и НЛБ Банка, а по нив следуваат Стопанска банка АД Скопје и Макпетрол.

Најголем пораст имаа акциите на Стокопромет со пораст од 570,39 проценти, на Сковин – 148,76 отсто, на Стопанска банка АД Скопје – приоритетни акции од 110 проценти, Мермерен комбинат 105,80 и на Комерцијална банка 83,11 отсто.
 

Содржината е прочитана 199 пати.