Инфо

По скопските булевари и паркови има 65.844 дрвја

Првиот Зелен катастар на Скопје е изработен во соработка со УНДП и во него засега е попишано само градското зеленило, а допрва ќе се дополнува со зеленилото што е под надлежност на општините, како и со она во приватните дворови на граѓаните

вторник, 15 јануари 2019

По булеварите и во парковите во Скопје има 65.844 дрвја и 28.325 грмушки, покажува првиот Зелен катастар на Скопје кој го изработи Град Скопје во соработка со УНДП.

Засега е направен попис само на градското зеленило, а катастарот ќе се дополнува со зеленилото што е под надлежност на општините, што значи допрва ќе се попишуваат дрвјата низ општинските површини (блоковското зеленило, зеленилото во дворовите на училиштата и градинките). А, како најнапредна фаза ќе биде и направен и попис на зеленилото во дворовите на граѓаните, при што се планира да биде отворен модул во кој секој граѓанин ќе може да го впише зеленилото во сопствениот двор. Граѓаните на апликацијата уште од денеска ќе можат да внесат колку дрвја имаат во нивните дворови, но податоците официјално ќе бидат објавени во Зелениот катастар откако екипи од Градот ќе направат проверка дали пријавениот број е точен.

„Поради комплексноста на работите, активностите се реализираат во фази. Досега е извршено геодетско снимање на зелена површина од 650 хектари. Во оваа фаза тоа го опфаќа булеварското зеленило и парковското зеленило што е под надлежност на Град Скопје. Исто така, реализирана е т.н. инвенторизација на теренот, која подразбира попис на дрвјата и грмушките, со собирање податоци за видот на дрвото, неговата здравствена состојба, големина, ширина и неговата точна местоположба. Досега се попишани точно 65.844 дрвја и 28.395 грмушки. Во следните фази предвидено е снимање на зелените површини на институциите што се под надлежност на Град Скопје (јавните претпријатија, јавните установи, средни училишта)“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, потенцирајќи дека е изработена и ГИС апликација за преглед и управување со јавното зеленило на територијата на Град Скопје.

Воспоставувањето Зелен катастар на јавните зелени површини има за цел заштита на животната средина, подобрување на управувањето со јавното зеленило, како и зајакнување на урбаната отпорност преку собирање и анализа на просторни податоци за зеленилото. Шилегов истакна дека овој проект, кој е почнат поодамна, но сериозно се работел во текот на годинава, како алатка ќе им послужи на граѓаните, но и на јавната администрација и на ЈП „Паркови и зеленило“ да може да го управуваат и да го одржуваат урбаното зеленило на соодветен начин, но и да се планира што ќе се сади во иднина.

„Ова е првата фаза, допрва влегуваме во евиденција на останатото зеленило. Точно е дека за околу 40 проценти заостануваме во однос на европскиот просек. Изминатите 10 години зеленилото секогаш беше жртва на поинаков вид интереси, на градежна експанзија која што ни се случи во центарот на градот. Несоодветен беше и третманот, голем број дрвја се самоуништија, се исушија. Имајќи предвид дека интензивно вршиме зазеленување на градот сериозно ќе го дигнеме просекот и во догледно време ќе можеме да ги стигнеме европските просеци“, рече Шилегов.

Тој најави дека во наредниот период заедно со Шумарскиот факултет ќе се работи на ослободување на дрвја кои се заробени со бетон, на пролет ќе почне изградбата на зелениот покрив на ГТЦ, како и изградба на нови паркови.
 

Содржината е прочитана 172 пати.