Бизнис вести

Недостигот на квалификувана работна сила го ограничува економскиот развој

Ставот на Стопанската комора на Македонија е дека покрај недостигот на стручен кадар, проблеми создава и недоволната побарувачка на домашниот и на странскиот пазар

понеделник, 14 јануари 2019

Доколку сакаме да обезбедиме подобри резултати во стопанството, мора да се обезбеди квалификувана работна сила, порачуваат од Стопанската комора на Македонија потенцирајќи дека токму недостигот на стручен кадар е клучниот ограничувачки фактор за да се постигнат поголеми економски ефекти.

Оттаму потенцираат дека иако се очекува поволна економска состојба во наредниот период, сепак, покрај недоволната побарувачка како на домашниот, така и на странскиот пазар, најголеми проблеми предизвикува недостигот на стручен кадар.

„Деловните тенденции за првите 11 месеци од минатата година дефинитивно покажуваат дека недостигот на квалификувана работна сила со 28,6 проценти е најголем ограничувачки фактор за развој на домашната економија. Потоа следуваат недоволната домашна побарувачка со 16,2 отсто и недоволната странска побарувачка со 15,7 отсто. Затоа мора да се работи на сите аспекти да се обезбеди квалификувана работна сила за стопанството, доколку сакаме да добиеме подобри резултати наспроти она што веќе е позитивен тренд од 2018 година“, рече Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија на денешната прес-конференција.

Од Комората препорачуваат да се зголеми атрактивноста на стручното образование преку засилена финансиската поддршка на учениците во текот на нивниото школување, да се подобри практичната работа на учениците во училиштата и кај работодавачите и да се воведат стимулациски мерки за бизнис секторот за негова поголема вклученост и соработка со средните стручни училишта. Истовремено, се залагаат и за подобрување на состојбата на стручните училишта со лаборатории, работилници, нагледни објекти, опрема и потрошен материјал.

Борис Тримчев од Стопанската комора рече дека главна цел на Комората е земјава да се придвижи кон дуалниот систем на стручно образование, како и да се воспостави систем за валидација на неформално и информално учење и сертифицирање на лица кои стекнале знаења, вештини и компетенции во текот на животот, а притоа немаат добиено соодветна валидна потврда која е призната на пазарот на трудот.

„Вклучени сме во речиси сите работни групи кои се занимаваат со проблематиката на воведување дуален модел на стручно образование и имаме направено голем исчекор, особено во делот на реализација на практичната работа во компании. Комората е чинител што ги верификува компаниите за реализација на програмите за практичниот дел. Во постојана соработка сме со компаниите и гледаме да ги насочиме како да го подобрат целиот процес кај нив. Имајќи предвид дека компанијата не е образовна установа, гледаме да отвориме некои делови во компаниите кои ќе можат да преземат дел од образовната дејност. Сметаме дека со таквиот модел на образование можеме да постигнеме прилагодување на понудата и побарувчката на пазарот“, рече Тримчев.

Најголем недостатокот на квалификуван работен кадар во земјава има од металната струка, услужните дејности во областа на туризмот и ИТ скеторот, машинската и градежната струка.

 

Содржината е прочитана 135 пати.