Бизнис вести

Владата и „Визер“ потпишаа договор за субвенционирање нови авиолинии

Веќе од март ќе може да се лета на четири нови дестинации, а од јули на други четири. Од скопскиот аеродром ќе има нови авиолинии кон Германија, Кипар и Финска, а од охридскиот кон Шведска, Италија и Германија

понеделник, 14 јануари 2019

Осум нови авиолинии од скопскиот и од охридскиот аеродром ќе бидат отворени со денешното потпишување на договорот меѓу Владата и авиокомпанијата „Визер“ за субвенционирање нискобуџетни линии. На четири нови дестинации ќе може да се лета веќе во март, а останатите четири авиолинии ќе бидат воспоставени во јули.

Од Меѓунардониот аеродром Скопје ќе бидат отворени четири нови линии од кои две кон Германија и тоа кон Баден-Баден и кон Бремен, една кон Ларнака во Кипар и една кон Турку во Финска. Од „Св. Апостол Павле“ во Охрид ќе се лета кон Малме - Шведска, Милано - Италија и кон Меминген и Дортмунд во Германија.

Двете линии од Скопје до Германија и авиолиниите од Охрид до Милано и до Малме ќе бидат воспоставени од март, а билетите за овие дестинации ќе чинат 1.164 денари, односно, 19,99 евра.

Од јули, пак, ќе бидат воспоставени двете линии од Охрид до Германија и двете нови дестинации од Скопје до Ларнака и Турку.

Од „Визер“ денеска најавија дека во јули ќе биде донесен и уште еден петти авион.

„Допопонителниот петти авион ќе ни овозможи да растеме во однос на зачестеноста на нашите услуги од Скопје, така што ќе зачестат летовите кон Гетеборг од четири на пет лета, до Хамбург од два на три лета, кон Келн од три на четири и кон Малта од два на три лета неделно. Кон Базел ќе се лета три пати на ден“, рече Џорџ Михалопулос од „Визер“ по потпишувањето на договорот.

Ова е трет договор што го потпишува Владата со „Визер“. Оваа нискобуџетна авиокомпанија беше единствената што се јави на тендерот за субвенционирање евтини летови. Финансиската поддршка што ја обезбедува Владата изнесува 312 милиони денари, или околу пет милиони евра за период до 2022 година. За 2019 година предвидени се 86 милиони денари, за 2020 и 2021 година 104 милиони денари, а за 2022 година – 17 милиони денари.

„Владата преку Министерството за транспорт и врски ќе додели еднократна финансиска поддршка во износ од 40 илјади евра за секоја нова отворена дестинација воведена од Меѓународниот аеродром Скопје и меѓународниот аеродром ’Св. Апостол Павле‘ во Охрид. За секоја нова дестинација воведена од Скопје ќе се додели финансиска поддршка од 9 евра по патник во заминување во првата година од договорот, 8 евра по патник во втората година, 7 евра во третата. За секоја нова дестинација воведена од Охрид ќе се додели финансиска поддршка во износ од 13 евра по патник во заминување во првата година од договорот, 12 евра во втората и 11 евра во третата година од договорот“, рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
 

Содржината е прочитана 182 пати.