Инфо

Повлечени 500 вакцини МРП

При инспекцискиот надзор на терен биле најдени нови вакцини со декларации со истечен рок и повлечени се од 11 вакцинални пункта во земјата

петок, 11 јануари 2019

Повлечени се дури 500 вакцини МРП на кои биле залепени погрешни декларации со изминат рок на употреба. При инспекцискиот надзор на терен биле најдени нови вакцини со декларации со истечен рок и повлечени се од 11 вакцинални пункта во земјата, потврди Агенцијата за лекови и помошни медицински средства МАЛМЕД.

На само еден ден пред најавената посета на претставници на белгискиот производител „Глаксо Смит Клајн“ од Белград, бројот на повлечени вакцини драстично е зголемен од првично најавените 67 вакцини.

Министерството за здравство се очекува да реши, меѓу другото и какви казнени мерки ќе бидат преземени спрема компанијата „Македонија лек“, каде биле залепени погрешните декларации на вакцините и дали можеби ќе и биде одземена лиценцата, како што се најавуваше. Дотолку повеќе што пропустот е направен во услови на прогласена епидемија на мали сипаници кога вакцините почнаа забрзано да се трошат.

Колку од овие вакцини се потрошени, односно, аплицирани на децата, засега не може со сигурност да се каже. Во Скопје МРП вакцини со декларации со погрешен датум биле најдени во здравствените домови во Ченто, Јане Сандански и Бит Пазар, како и во седум други градови низ земјата.
 

Содржината е прочитана 31 пати.