Инфо

Почнува реализацијата на проектот за изградба на автопатот Скопје – Блаце

Новиот автопат кој ќе чини 110 милиони евра ќе биде долг 12,5 километри и ќе го скрати патувањето од Скопје до Приштина од 2 часа на 45 минути

петок, 11 јануари 2019

Проектот за изградба на автопатот Скопје-Блаце денеска формално почна со реализација. Следниот месец ќе биде објавен тендер по што ќе стартуваат градежните работи на првата делница.

Новиот автопат што ќе ги поврзува Македонија и Косово ќе биде долг 12,5 километри и ќе чини 110 милиони евра. Треба да биде завршен за три години и со неговата изградба патувањето од Скопје до Приштина ќе се скрати од 2 часа на 45 минути.

„Проектот е од стратешка важност за нашата земја од неколку причини: како проект со кој се поврзуваат Скопје и Приштина со автопат, проект кој претставува дел од т.н. ’конективити’ агенда за поврзување на земјите од Западниот Балкан, но и автопат што ќе овозможи унапредување на трговската размена, ќе обезбеди потенцијал за економски напредок, потенцијал за бизнисот“, рече вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.

Тој појасни дека за овој проект веќе се обезбедени 1,3 милиони евра неповратни ИПА-средства и оти е побарана и финансиска поддршка во рамките на Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ) од 27 милиони евра, како и неповратни средства. За останатиот дел ќе биде земен заем од Европската банка за обнова и развој, како главен финансиер на проектот.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески рече дека изградбата на автопатот е поделена на две подделници, со цел побрзо завршување на проектот. Градежните работи ќе очнат прво на пократката делница. Таа е долга околу 2 километри и се протега од граничниот премин „Блаце“ до првата клучка „Блаце“, односно до спојот со локалниот пат кон село Блаце. За изградба и надзор на оваа делница, средствата се обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта.

Втората подделница е од клучката „Блаце“ до Скопје, односно до клучка „Стенковец“ и е во должина од околу 10,5 километри. На неа се предвидени 4 тунели во должина од околу 4 километри, 8 мостови и други придружни објекти. Изградбата на оваа делница ќе почне во 2020 и ќе трае околу 36 месеци.
 

Содржината е прочитана 20 пати.