Бизнис вести

„Европа“ Скопје е прв овластен економски оператор

Овластениот економски оператор претставува нов концепт и модернизација на царинското и надворешно трговското работење кое произлегува како реформа од Берлинскиот процес и протоколот 5 од ЦЕФТА.

четврток, 10 јануари 2019

Компанијата „Европа“ Скопје е првиот овластен економски оператор признат од ЦЕФТА земјите и од Европската унија.

Овластениот економски оператор претставува нов концепт и модернизација на царинското и надворешно трговското работење кое произлегува како реформа од Берлинскиот процес и протоколот 5 од ЦЕФТА. Станува збор за меѓународно призната марка за квалитет која е показател дека економските оператори како што се производители, извозници, увозници, шпедитери и транспортери, во меѓународниот синџир на снабдувње се безбедни и сигурни и оти нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласни.

Законската основа да се даде вакво одобрение е направена во првата половина на 2018 година.Тоа е основа за меѓународно признавење на овластен економски оператот прво во ЦЕФТА земјите, а потоа и во Европската унија.

Ова е прво одобрение за овластен економски оператор дадено на македонска фирма. Уште три одобренија се во постпака, а уште 10 компании вршат консултации со Царинската управа за поднесување барање во текот овој и следниот месец.

„Со добивањето на статусот овластен економски оператор домашните компании покрај поволностите за царинското подрачје на државава ќе имаат такви поволности и во сите учесници во ЦЕФТА, со можност за поголемо користење на поедноставени царински поставки, приоритетен третман при спроведување на царинските контроли, намален број на физички и документациски контроли од царинските служби, избор на местото на контрола. ’Европа’ ги исполни сите критериуми за овластен економски оператор во ЦЕФТА и Европската унија“, рече директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасовски.

Директорката на „Европа“ Скопје, Марика Караџова рече дека периодот на усогласување со критериумите за овластен економски оператор траел шест месеци и бил бесплатен. Првите контакти биле направени во јуни минатата година, во септември поднеле барање, а во октомври го дополниле. Таа појасни дека добиеното одобрение содржи строги процедури и прописи, но и бенефиции кои на компанијата ќе и го зголемат угледот и конкурентноста и ќе и ги намалат трошоците.

„’Европа’ Скопје се јавува во улога на извозник и увозник, што значи дека гарантира за целиот производствен процес, за суровините што ги користи, постапките на производство и на набавка. Истовремено ги почитуваме сите законски постапки поврзани со увозот и со извозот. Носителот на одобрението е сигурен партнер кој ги презел сите безбедносни мерки во процесите за производство и на тој начин претставува сигурен партнер во меѓународниот синџир на снабдување на стоката кој е оценуван од државните и меѓународните партнери“, истакна Караџова.

Премиерот Зоран Заев истакна дека поседувањето на сертификатот за компаниите значи дека ги исполнуваат економските и безбедносните стандарди за вршење на надворешната трговија.

Во светот има 77 програми за овластен економски оператор и 17 во најава. Според податоците на Светската царинска организација, постојат 35 договори за меѓународно признавање, а 35 се во фаза на преговарање.

 

Содржината е прочитана 227 пати.