Бизнис вести

Претседателот на Светска банка, Ким поднесе оставка, ќе го замени Бугарката Георгиева

Џим Јон Ким не ги образложи причините поради кои го прекинува мандатот што го има до 2022 година, само рече дека ќе се приклучи на приватна компанија

вторник, 08 јануари 2019

Претседателот на Светска банка, Џим Јон Ким ја напушта функцијата на 1 февруари, соопшти Светска банка. Вршител на должноста претседател ќе биде Бугарката Кристалина Георгиева.

Џим Јон Ким стапи на должноста шеф на СБ на 1 јули 2012 година. По истекот на неговиот петгодишен мандат Советот на директори на Банката повторно го избра за претседател до 2022 година.

„Голема чест беше да служам како претседател на оваа извонредна институција полна со страсни поединци посветени на мисијата за ставање крај на екстремната сиромаштија“, се вели во соопштението од Ким.

Без да дава повеќе детали 59-годишниот Ким не ја соопшти причината за оставката, но објави дека од истиот датум ќе се приклучи на приватна компанија и ќе се фокусира на развојот на инфраструктурата во земјите во развој.

Бугарката Кристалина Георгиева до 2017 година работеше како комесарка за буџет и човечки ресурси во Европската комисија предводена од Жан Клод Јункер. Пред две години изјави дека лично е поканета од претседателот да ја преземе функцијата главен извршен директор на Светска банка и на 2 јануари 2017 година таа објави дека ја напушта Европската комисија. Георгиева ќе ја преземе улогата на привремен претседател кога Ким ќе ја напушти
функцијата претседател на светската финансиска институција.
 

Содржината е прочитана 171 пати.