Интервјуа

Операта е скапа играчка, но Македонија има традиција доволна за успех

Интервју со Весна Ѓиновска-Илкова, оперска певица, сопран - првенец солист во Македонска опера и балет во кое ја открива љубовта кон соло пеењето, се потсетува за почетоците на својата кариера, но говори и за македонската публика која има истанчен вкус за класична музика

вторник, 08 јануари 2019

МАРИЛИ: Кога ја откривте љубовта кон оперското пеење? Кажете ни нешто за Вашиот пат како оперска певица, за тоа како ја градевте кариерата! 
ЃИНОВСКА-ИЛКОВА
: Љубовта кон музиката се создаваше постепено. Иако од мали нозе ги поседував потребните предуслови за мојата работа, многу подоцна се пронајдов во оперското пеење. Имено, уште на седумгодишна возраст почнав да учам во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“. Како и сите деца, така и јас сакав да свирам пијано. Полагав приемен испит и тогашната комисија предложи да одам да го изучувам инструментот виолончело поради добриот музички слух и емоциите што сум ги покажала. Гледано од оваа дистанција, во музиката треба да покажеш карактер. Но, нејсе, шест години изучував виолончело. Веќе кон крајот на основното образование одлучив да одам на соло-пеење. Знаев само дека сакам да пеам, а немав претстава во кој правец ќе се развивам понатаму. Сè дојде многу природно и спонтано. Годините што ги минав во средното училиште и на Факултетот за музичка уметност ме поттикнаа да почнам размислувам сериозно да се занимавам со класична музика. И така започнав. Многу работев на себе, на својот вокал, на техниката. А имав и среќа. 

МАРИЛИ: Како се развивал еден музички талент во времето на Вашата генерација, дали тогаш имаше квалитетни музички школи?
ЃИНОВСКА-ИЛКОВА:
Како што напоменав, имаше систем што беше толку јасен и прецизен. Имаше одлични педагози што, освен во својата работа, беа реализирани и како личности. Работевме на себе. Одевме на концерти, на музички настани и разговаравме за концертите. Во тогашна СФРЈ постоеја државни натпревари на кои ја претставувавме Македонија. Постоеше образование со строго напишани превила. Освен од родителите, воспитувањето го добивавме и од учителите. Денес сè е поинаку. Во овој интернет-свет сè е достапно за една секунда, па речиси е изгубена возбудата за донесена книга, ЦД или видеоиздание. Тоа се едни нови генерации со свои визии и перцепции за уметноста. И тоа е сосема нормално. 

МАРИЛИ: Македонија нема долга традиција (оперска, балетска, музичка) како светските сцени во Австрија, Русија, Шпанија... Сепак, што е направено на ова поле во текот на повеќе од четврт век самостојност? Дали државата доволно вложува во културата, не само од технички аспект бидејќи е очигледно дека не е доволно само да се изгради сала, туку во смисла на подигнување на културното ниво на луѓето, а особено на афирмацијата на културата кај помладата генерација? 
ЃИНОВСКА-ИЛКОВА
: Има традиција што е доволна за успех. Безброј опери, детски премиери, балети, првенци, примабалерини... тоа се личности што овде творат, работат и ја пишуваат историјата. Млади сме, веројатно се потребни зреење, стабилност и квалитет во изобилие. Таа секогаш е некаде тука, но сè уште не е на врвот. Приматот го зема политиката. За жал. Сепак, ова е период во кој сакам сите заедно да работиме на подигнување на свеста за вистинските вредности. Така младите генерации учат што значат естетика, морал, етика, а ние го трасираме патот за нивно побрзо чекорење.

 

МАРИЛИ: Како врвен уметник од Македонија Вие продолживте со образованието во странство, а денес настапувате и на светски сцени. Која е Вашата порака за подигнување на свеста за културните вредности, посебно на вредноста на операта како специфична музичко-сценска изведба?
ЃИНОВСКА-ИЛКОВА:
На свеста се работи, во еден момент таа треба да биде препознаена и тоа останува како ниво од каде што секој човек го гради својот вкус. Понекогаш класиката знае да биде апстрактна и поради тоа станува далечна и за нас уметниците. Но, сепак, во неа постојат моменти во кои секој би се пронашол со сопствената имагинација. Тоа се убавината и широчината на музиката. А тоа остава простор за секој поединец. 
И сега, наспроти репродуктивната уметност постои техничката страна што е неопходна за опстанокот на операта. Да не се лажеме, операта е скапа играчка, а ние сме сиромашна држава во која културата е некаде на крајот. Сето ова придонесува за скромни продукции, но, сепак, имаме квалитетен ансамбл. Пораката до сите гласи да се препознаат младите таленти и да се негуваат. Работата е секогаш клучен фактор. 

МАРИЛИ: Има ли доволно публика на претставите на Македонската опера и дали Македонија има оперски едуцирана публика?
ЃИНОВСКА-ИЛКОВА:
Македонија има одлична публика со истанчен вкус, која секогаш знае да награди со бурни аплаузи. Тоа многу значи за нас, а значи и за институцијата. Аплаузот е потврда за нашата работа. 

МАРИЛИ: Споделете ги Вашите искуства и сознанија за тоа како во големите светски центри се негува односот на публиката кон оперската уметност. 
ЃИНОВСКА-ИЛКОВА:
Во прашање се долги традиции, едноставно не се возможни паралели. Но, сепак, за мала држава како Македонија имаме одлични музичари.

МАРИЛИ: Кои се Вашите ангажмани за 2019 година на домашната сцена, но и надвор од Македонија? 
ЃИНОВСКА-ИЛКОВА:
Минатата година имав одлично гостување во Русија, во театарот Бољшој во Универзитетот „Саратов“. Тоа е најстара зграда со фантастична сала. Оттаму носам огромни импресии.
Во 2019 година ме очекуваат проекти и претстави во Македонија и во странство што ќе треба да ги презентирам. Планирани се гостувања во Италија, Германија и во Америка, снимање на моето ЦД, реквиемот Верди со Македонската филхармонија, настап на научна конференција во Келн, подготовка на претстави во Македонската опера и балет...
Се надевам годината ќе биде успешна и полна со работни активности.

 

 

Содржината е прочитана 351 пати.