Бизнис вести

Потпишан договор за кредит од 5,9 милиони евра за изградба на фотонапонска централа

Првата фотонапонска централа ќе биде изградена кај кичевски Осломеј и ќе чини 7 милиони евра.Остатокот од потребните средства ќе ги покрие самата компанија

петок, 04 јануари 2019

ЕБОР и одобри кредит од 5,9 милиони на државната компанија за производство на електрична енергија – ЕЛЕМ за изградба на првата голема плантажа со соларни панели за производство на електрична енергија. Првата фотонапонска централа ќе биде изградена кај кичевски Осломеј и ќе чини 7 милиони евра. ЕЛЕМ го зема кредитот без државна гаранција и остатокот од потребните средства ќе ги покрие самата компанија.

Договорот денеска го потпишаа директорот за енергетика и енергетски капацитети на ЕБРД, Хари Бојд Карпентер и директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски.

„Вкупното годишно производство од оваа нова фотоволтаична електрана е околу 15 гигават часови, доволни за покривање на годишните потреби на околу 2.000 домаќинства. Проектот е значен не само од аспект на енергетските вредности, туку и од социјален и еколошки аспекет. Ќе се гради на веќе постоечкиот рудник во околината на РЕК ’Осломеј’ на 15 хекатари земјиште кое треба да се рекултивира со нова фотоволтаична електрана“, рече Миновски.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев рече дека ТЕЦ „Осломеј“ од речиси заборавен објект ќе произведува струја на еколошки начин. За следните години тој најави повеќе инсталирана снага односно изградба на поголем број на фотоволатици кои ќе произведуваат од 30 до 40 мегават часови електрична енергија.

„Во првиот квартал од годинава ќе се распише тендер за изградба на 200 мегаватни фотоволтаици кои ќе може да се градат на државно и на приватно земјиште. До крајот на годината ќе има изградба на ветерен парк кој ќе произведува 50 мегавати електрична енергија, а планирана е и изградбата на далекувод до Албанија во вредност од 50 милиони евра. Со тоа, инвестициите во енергетиката би се движеле од 250 до 300 милиони евра“, рече Анѓушев.

Изградбата на фотоволтаиците треба да биде завршена за една година.
 

Содржината е прочитана 219 пати.