Култура

„Охридско лето“ организира концерт во спомен на градоначалникот Стојаноски

На 12 јануари во црквата „Света Софија“ концерт на класична музика ќе одржат младите српски солисти Александра Петровиќ и Стеван Каранац заедно со Српскиот камерен оркестар

петок, 04 јануари 2019

Фестивалот „Охридско лето“ на 12 јануари ќе организира концерт на класична музика на кој ќе настапат младите српски солисти Александра Петровиќ и Стеван Каранац заедно со Српскиот камерен оркестар. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 19 часот, а ќе биде посветен на прерано починатиот градоначалник на Општина Охрид, Јован Стојаноски.

Исклучително талентираната уметница Александра Петровиќ своето основно и средно музичко образование ги завршила во Ниш, во класата на професорот Гордана Милошевиќ, на катедрата соло пеење. Настапувала во Ниш, на НИМУС, на концертите на Виенските валцери и оперски арии со Видинската филхармонија, со Младинската филхармонија „Наисус“, како и со дувачкиот квинтет „Нишки солисти“.

Тенорот Стеван Каранац музичкото образование го започнува во 2009 године во музичкото училиште „д-р Милоје Милојевиќ“ во Крагуевац. Стилот и техниката на пеење и глума ги усовршува на многу работилници и мајсторски курсеви со плејада успешни пејачи, режисери и актери. Го завршил и курсот за оперски студии „Борислав Поповиќ“ во Народниот театар во Белград. Како активен учесник на интернационални натпревари во Србија, регионот и странство, добитник е на бројни награди, меѓу кои и наградата „Лауреат“.

Српскиот камерен оркестар е основан во 1994 година од страна на уметничкиот директор и диригент, Ѓорѓе Павловиќ. Оркестарот работи во неколку постави: како гудачки, камерен во мешан состав, мал симфонискии, помали камерни состави како дуа, триа, квартети и слично.Специјализиран е за изведување дела од современи српски композитори со традиционални елементи. Освен тоа, на репертоарот на оркестарот се застапени дела од светски композитори од сите епохи, од барокот до денес.

 

Содржината е прочитана 33 пати.