Инфо

Македонија на дното на листата држави во Европа според просечната плата во 2018

Највисока нето плата во Европа се исплаќа во Швајцарија дури 4.370 евра, во Македонија просечната плата лани изнесувала 390 евра

петок, 04 јануари 2019

Со 390 евра Македонија се најде речиси на дното на листата држави во Европа според просечната плата во 2018 година. Пониски просечни нето плати имаат само Албанија, Косово, Украина и Молдавија.

Највисока нето плата во Европа се исплаќа во Швајцарија дури 4.370 евра, а потоа следуваат Исланд со 3.568 и Норвешка со просечна плата од 3.309 евра. Овие држави не се членки на Европската унија. 

Во рамки на Унијата, пак, највисока просечна нето плата има во Данска - 3.270 евра, па во Луксембург 3.159 и во Шведска 2.570 евра. Просечната плата во Германија во 2018 година изнесувала 2.270 евра, во Франција 2.225, во Велика Британија 1.990, во Италија 1.758, во Шпанија 1.749, а во Португалија 925 евра...

Од државите од регионот, освен Словенија, Хрватска и Грција, кои се членки на ЕУ и каде просечната плата лани изнесувала 1077 евра во Словенија, 917 во Грција и 802 евра во Хрватска, најдобро рангирана е Црна Гора, која иако не е членка на Унијата, со 512 евра имала повисока просечна плата од Бугарија каде минатата година просечната плата изнесувала 457 евра. Во БиХ биле исплатени 445, а во Србија 422 евра. Во Албанија просечната плата изнесувала 378 евра.
 

Содржината е прочитана 286 пати.