Инфо

Амбасада на Германија: Не е точно дека се укинуваат работните визи

четврток, 03 јануари 2019

Амбасадата на Германија во Македонија демантира дека оваа држава ги укинува работните визи откако повеќе медиуми објавија дека од први јануари 2019 година ќе може да се престојува во Германија шест месеци без работен договор и без работна дозвола.

Поради низата неточни известувања во дел од македонските медиуми, германската Амбасада во Скопје соопштува:

„Информациите за нов закон кој треба да стапи во сила од 01.01.2019 година и кој на граѓаните од земјите што не се членки на ЕУ ќе им овозможи престој до 6 месеци без работен договор и без работна дозвола во Германија, не се точни. Ве молиме да се информирате на веб страницата на германската амбасада за предусловите и времето на чекање за доделување работни визи“, се вели во соопштението од Амбасадата на Германија во Скопје.

Демантот доаѓа по објавувањето на веста дека „од годинава странските квалификувани работници полесно ќе се вработуваат во Германија бидејќи ќе добијат право без работна виза шест месеци да престојуваат во земјата. Во тој период нема да може да добиваат социјална помош и ќе треба да најдат работа за да може визата да ја продолжат. За да биде дозволен престојот без работна виза работникот треба да докаже дека има доволно пари самостојно да се издржува како и да покаже одредено ниво на познавање н германскиот јазик“. Ваквите информации од Амбасадата ги окарактеризираа како неточни.
 

Содржината е прочитана 169 пати.