Инфо

Зелените пазари работат по старо, остануваат продавачите на текстил и на непрехранбени произоди

Комората на трговци на зелените пазари од понеделник почнува со издавање на лиценците. Лиценца за една тезга чини 60 евра годишно, а дополнителни 40 евра за секоја наредна тезга

четврток, 03 јануари 2019

На Зелените пазари засега се работи по старо. Комората на трговци на зелените пазари ќе почне да ги издава лиценците на пазарџиите од почетокот на следната недела, а во периодот додека се издаваат лиценците инспекторите нема да казнуваат, туку само ќе ги опоменуваат и ќе ги потсетуваат пазарџиите дека треба да поседуваат лиценци за да продаваат на пазарите.

На пазарите остануваат и продавачите на текстил, обувки и непрехранбени производи како козметика и накит и нема забрана за продажба на овие производи на зелените пазари. Од Комората велат дека такво нешто нема ниту во Законот ниту, пак, некогаш се разговарало за намалување на обемот на производи кои се продаваат на зелените пазари. И овие продавачи можат да добијат лиценци за продажба како и останатите.

Цената на лиценците изнесува 60 евра годишно за една тезга и дополнителни 40 евра за секоја наредна тезга. Во Комората на трговци очекуваат, доколку нема непредвидени проблеми, издвањето лиценци да заврши за околу два месеци. За постапката да оди побрзо, оттаму апелираат фирмите кои управуваат со зелените пазари до Комората да достават списоци на старите корисници на тезгите.

Инаку, согласно Законот предвидени се 5 категории на лица кои можат да вршат трговија на зелен пазар.

Во првата категорија спаѓаат оние кои сега продаваат на зелените пазари, но никогаш не се евидентирани како такви и се водат како невработени. Сега тие ќе се регистрираат во Комората на трговци на Македонија со што ќе се легализира нивната работа и тие задолжително ќе плаќаат придонеси за социјално и пензиско осигурување. Во втората категорија влегуваат физичките лица кои во Централниот регистар се запишани како трговци поединци со единствена дејност трговија на мало на тезги на пазарите, третата категорија се однесува на лицата кои се запишани во регистарот на Министерство за земјоделство како индивидуални земјоделци, четвртата категорија исто така се однесува на лица кои се занимаваат со земјоделска дејност, иако се во работен однос но не се запишани во регистарот на Министерство, а во петтата категорија спаѓаат лицата регистрирани во Министерството за земјоделство како членови на семејно земјоделско стопанство.


 

Содржината е прочитана 147 пати.