Бизнис вести

Хотелот „DoubleTree by Hilton“ ги пречека првите гости во новиот објект во Скопје

среда, 02 јануари 2019

Хотелот „DoubleTree by Hilton Skopjе“, најновиот во синџирот луксузни хотели на реномираниот бренд официјално почна со работа на 1 јануари и ги отвори своите врати за првите гости.

Лоциран покрај кејот на реката Вардар близу мостот „Близнак“ во општина Аеродром, објектот се простира на пет ката со едно подниво и зафаќа површина од 25.000 квадратни метри.

Располага со 170 соби, 15 апартмани од кои еден претседателски од 260 квадрати, Euphoria Welness & SPA модернен спа и фитнес центар од 1.400 квадратни метри, традиционална турска бања, сауна, џакузи и затворен базен, како и најмодерната Life Fitness опрема за вежбање. Истовремено има и 6 конференциски сали, една сала за свечености „Diamond Ballroom“ и три ресторани. 

Хотелот располага со сопствен затворен паркинг простор за 150 возила, како и отворен паркинг за 200 возила.
„Хилтон“ нуди исклучителен панорамски поглед на градот, а за беспрекорен престој на гостите, ќе се грижат близу 200 вработени.

На објектот интензивно се работеше две години и освен што е импонзантен однадвор, тој е енергетски и еколошки ефикасен и има врвно хортикултурно уредување. Целосната инвестицијата е вредна 50 милиони евра.

„Хилтон“ е еден од лидерите во хотелиерската индустрија, досега присутен во 109 држави со вкупно 5.500 хотели. Во својата сто годишна историја има пречекано повеќе од три милијарди гости. Новата 2019 ја почнува додавајќи ја и Македонија на својата мапа, со најубавиот „DoubleTree by Hilton“ хотел во светот.
 

Содржината е прочитана 508 пати.