Инфо

Прогласена епидемија на мали сипаници - морбили во Скопје

Од утре стапува во сила привремената мерка – забрана за носење невакцинирани деца во градинка

среда, 02 јануари 2019

Прогласена е епидемија на морбили, или мали сипаници на територија на Скопје, а од утре стапува во сила привремената мерка – забрана за носење невакцинирани деца во градинка.

Министерството за здравство прогласи епидемија поради 12 нови случаи, од кои шест се потврдени со соодветни анализи, а за останатите 6 анализите се очекуваат утре. Министерот Венко Филипче рече дека меѓу новите случаи повеќето се деца, но оти има и возрасни, а сите не се вакцинирани со МРП вакцината.

„Прогласена е епидемија на мали сипаници во Скопје и принудени сме од утре да донесеме привремена мерка – забрана за носење на деца кои не се вакцинирани со МРП вакцина во градинките“, рече Филипче.

Од новите случаи има по еден заболен во Кисела Вода, Гази Баба и во Аеродром, а тројца во Бутел. Од сомнителните случаи двајца се во Аеродром, по еден во Центар, Бутел и во Ѓорче Петров.

Осум од заразените се хоспитализирани на Инфективна клиника и сите се со компликации со бронхопневмонија. Меѓу заболените има едно 8-месечно бебе и деца на возраст од 3,5 и од 4 години, како и еден возрасен на 31-годишна возраст.

„Од 15.000 невакцинирани деца под 14 годишна возраст со повиците за вакцинирање, само 310 се вакцинираа што е исклучително мала бројка“, рече Филипче и најави дека ќе се истражува дали педијатри им давале совети на родители да не ги вакцинираат децата со МРП до 3 годишна возраст.

Лекарите апелираат да не се одложува вакцинирањето и потсетуваат на законската одредба според која следуваат казни од 350 до 650 евра за невакцинирање.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, пред да се воведе вакцината, односно, пред 1972 година имало епидемии со преку 1.250 смртни случаи и над 12 илјади заболени.

Инаку, морбилите се сметаат за тешко заболување и може да предизвикаат тешко воспаление на белите дробови и менингитис, па дури и смрт.

 

Содржината е прочитана 215 пати.