Инфо

До крајот на месецов ќе биде избран универзалниот снабдувач со струја

Универзалниот снабдувач треба да обезбеди струја за граѓаните кои нема да успеат да потпишат договор со еден од снабдувачите на електрична енергија во земјава

среда, 02 јануари 2019

До крајот на овој месец треба да биде избрана фирмата која на пазарот на струја ќе ги снабдува граѓаните со електрична енергија. До тогаш, според предвидувањата на Регулаторната комисија за енергетика треба да заврши процесот на избор на универзален снабдувач со струја.

Досега струја на слободниот пазар можеа да купуваат само поголемите потрошувачи, но сега, со либерализацијата на пазарот, електрична енергија можат да купат и помалите компании и потрошувачи, како и домаќинствата кои треба да одберат која фирма ќе ги снабдува со струја.

Овој процес требаше да стартува со почетокот на годинава, но се уште не е избран универзален снабдувач кој треба да обезбеди струја за граѓаните кои нема да успеат да потпишат договор со еден од снабдувачите на електрична енергија. А, се додека не биде избран универзален снабдувач, обврската за снабдување останува на ЕВН.

На тендерот за избор на универзален снабдувач се јавија ЕВН Снабдување која и до сега ги снабдуваше граѓаните со струја и македонскиот производител на електрична енергија ЕЛЕМ преку својата фирма ќерка ЕЛЕМ трејд. Тендерот ќе го добие фирмата што ќе понуди пониска маржа на јавното наддавање. ЕВН Снабдување понуди почетна маржа од 14,4 отсто, додека ЕЛЕМ Трејд 14,9 отсто бруто маржа, но се очекува оваа цена да се намалува во текот на аукцијата.

Од Регулаторната комисија за енергетика не очекуваат цената на универзалниот снабдувач која треба тие да ја утврдат на годишно ниво да биде повисока од сегашната.

Инаку, над 500.000 домаќинства треба да се определат дали ќе се снабдуваат со струја на слободниот пазар или ќе остават да ги снабдува универзален снабдувач. Во земјава има 8 активни снабдувачи на слободниот пазар на струја. Од вкупната потрошувачка, меѓу 40 и 45 прценти од струјата се купува на слободниот пазар. Со тоа, Македонија е лидер во регионот во однос на либерализацијата на пазарот на струја, но и според бројот на снабдувачи на слободниот пазар.
 

Содржината е прочитана 185 пати.