Бизнис вести

Стопанската комора назначи нови членови во органите на управување

Во органите на Комората се приклучуваат менаџери и стопанственици кои со своите професионални квалификации, стручност, деловно искуство и ентузијазам, ќе придонесат за постигнување на програмските цели и задачи на оваа институција

четврток, 27 декември 2018

Антонио Аргир, претседател на УО на НЛБ Банка АД – Скопје е нов потпретседател на Стопанската комора на Македонија, а Сашко Самарџиоски, генерален директор на Прилепска Пиварница, Гоце Вангеловски, генерален директор на „Кроација осигурување – Друштво за неживотно осигурување“, Катерина Бошевска, генерален директор на „ЕОС Матрикс“ и Нина Ангеловска, основач и директор на „Групер“ се нови членови на Управниот одбор на Комората.

Од Стопанската комора соопштија дека во органите на Комората се приклучуваат менаџери и стопанственици кои со своите професионални квалификации, стручност, деловно искуство и ентузијазам, ќе придонесат за постигнување на програмските цели и задачи на оваа институција, а тоа е поефикасно извршување на активностите за унапредување на пазарното стопанство, претприемништвото и поттикнување на конкурентноста кај компаниите.

„Со нивното именување во органите на Комората, Стопанската комора на Македонија го потврдува своето позиционирање како најголема и најзначајна бизнис асоцијација во државата, насочена кон процесите на извозната диверзификација, модерната реиндустријализација, дигитална трансформација и унапредување на иновативноста, како процеси кои сметаме дека треба да го поведат економскиот раст на земјава“, велат од Комората.
 

Содржината е прочитана 160 пати.