Бизнис вести

Владата со 35 милиони евра поддржа 250 компании преку Планот за економски развој

Сите средства што беа предвидени во буџетот за 2018 за оваа намена се искористени и заклучно со утре ќе им бидат исплатени на компаниите

среда, 26 декември 2018

Сите 35 милиони евра колку што беа предвидени во Буџетот за годинава за поддршка на компаниите преку владиниот план за економски развој, се искористени и заклучно со утре ќе бидат исплатени на компаниите. Ваква финансиска поддршка добија повеќе од 250 компании.

Ова беше речено на денешната презентација на 65 проекти од вториот инвестициски бран од третиот столб од Планот за економски раст, во вредност од над 800 милиони денари.

Според вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев ова е историски исчекор што ќе даде сериозен импакт следната година во економијата, а индустријата да биде една од водечките гранки во државата и ќе придонесе 2019 да биде економски добра година. Тој ги охрабри добитниците од вториот бран да бидат извозно ориентирани, бидејќи, како што рече само со зголемен извоз и со зголемена конкурентност може да постигнеме раст од 5-6 проценти.

Премиерот, Зоран Заев оцени дека Планот за економски раст во изминатата година не само што ја постигна, туку и ја надмина зацртаната цел.

„Планот за економски раст создава економија со здрави, цврсти темели, а придобивките ги чувствуваат граѓаните, стопанството и целата наша земја и затоа продолжуваме со засилено темпо. Неколку пати реков дека 2019 година ќе биде пресвртница на економски политики. Фискалната политика на Владата следната година ќе обезбеди раст на економијата, социјална сигурност, а ќе го забрза и нашето пристапување кон НАТО и ЕУ. Создаваме буџет што во 2019 годоина ќе ја одржи макроекономската стабилност и фискалната консолидација. Парите на граѓаните кои преку даноци влегуваат во буџетот уште повеќе ќе се наменат за проекти за поддршка на граѓаните во сите категории. Остануваме на нашата определба за поддршката за домашните и странските инвестиции со повисок буџет од 37 проценти во однос на оваа година“, рече Заев.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски посочи дека во рамки на третиот столб на Планот за економски раст за 2018 година е реализиран вкупен обем на инвестициски проекти во економијата од над две милијарди денари.

„Радува фактот што водечки е ИТ секторот, меѓутоа, во рамки на вториот бран има проекти од 16 различни индустрии меѓу кои енергеттиката, машинството, земјоделството и од сите делови на Македонија. Ова се проекти што ќе ангажираат 385 лица од кои 85 се нови вработувања и ќе се исплаќаат плати што се над просекот на државата. Овие бројки се доказ дека сме на вистинскиот пат и мотивација натаму да продолжиме“, истакна Деспотовски.

 

Содржината е прочитана 193 пати.