Инфо

Наредната година конечно ќе почне да се реализира долгоочекуваниот проект за трамвај во Скопје

Станува збор за првата фаза од проектот во која спаѓа линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, со изградба на депо, чија реализација би чинела од 130 до 15 милиони евра

среда, 26 декември 2018

Дали сопјани конечно ќе добијат трамвај, или повторно тоа ќе остане само желба? Премиерот Зоран Заев ја најави реализацијата на со години очекуваниот проект за воведување шински превоз во Скопје како капиталната инвестиција која ќе почне да се реализира идната година, а градоначалникот Петре Шилегов појасни дека уште од почетокот на годинава, во соработка со збратимениот град Загреб се работи на техничките подготовки на проектот.

Станува збор за првата фаза од проектот во која спаѓа линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, со изградба на депо.

Според Шилегов, документација е подготвена, а идната година се очекува да почнат постапките за избор на изведувач на трамвајот. Се проценува дека изградбата на првата линија би чинела од 130 до 150 милиони евра. Парите ќе се бараат од европски фондови или од буџетот на Владата.

„Заедно со премиерот, Зоран Заев и министерот за финансии, Драган Тевдовски ги разгледувавме финансиските можности. Во фаза сме да се обратиме до нашите европски партнери да го помогнат развојот на Скопје или Владата да одлучи да изврши финансирање. За мене е многу битно дека Градот конечно ги создаде условите да започне со реализација на овој проект. Очекувам дека поддршката од Владата, како што најави и премиерот ќе биде сестрана и дека во текот на наредната година ќе почнеме со реализација на овој проект“, вели Шилегов во изјава за порталот „Сакам да кажам“.

Тој појаснува дека студијата која што беше изработена во времето на градоначалникот Трифун Костовски не е целосна, поради што во изминатиот период се работело на подготовка на техничка документација со експерти од Загрепски електричен трамвај (ЗЕТ) и дека за потегот од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, заедно со депото е подготвена нова сообраќајна студија со техничко решение за изградба, а веќе наредната година ќе се работи проектот и ќе се бара изведувачот.

 

Содржината е прочитана 139 пати.