Интервјуа

„Шкендија“ може до нова титула, Македонија до Европското првенство

Интервју со напаѓачот на „Шкендија“, Бесарт Ибраими, најдобар фудбалер на Македонија за 2018 година и најдобар стрелец во домашното првенство, во кое говори за повредата, за процесот на рехабилитација по операцијата, за шансите на „Шкендија“ да ја одбрани титулата, за шансите на Македонија да се пласира на Европско првенство

среда, 26 декември 2018

МАРИЛИ: Со 23 гола во првенството, седум во националниот Куп и пет во квалификациите за ЛШ бевте најдобар стрелец на „Шкендија“ во 2018 година и годината ја завршувате како најдобар фудбалер на Македонија. Чувствувате ли заситеност од награди? 
ИБРАИМИ:
Не, напротив. Секоја награда ја чувствувам како награда за минатиот труд и мотивација за уште посилна работа во иднина. Четврти пат сум прогласен за најдобар играч во домашното првенство, петти пат ја добивам наградата за најдобар стрелец. Освен како фудбалер на „Шкендија“, на оваа сцена сум бил и како член на „Ренова“. Првиот дел од сезоната беше одличен. Ја освоивме титулата, имавме успешни настапи во Европа во летниот период, не тргнавме баш најдобро во новиот шампионат, но нештата, сепак, дојдоа на посакуваното ниво, на ниво што ни доликува и на паузата сме лидери на табелата со пет бода повеќе од „Вардар“.

МАРИЛИ: Полусезоната ја завршивте предвреме поради повреда. На сцената за примање на наградите излеговте со поткривнување. Како се одвива процесот на рехабилитација?
ИБРАИМИ:
Есенва, за жал, се случи пех. Настрадаа лигаментите на десното колено. Медицинските прегледи утврдија состојба што наложуваше операција. Морав „под нож“, друга опција не постоеше. Зафатот мина во најдобар ред. Задоволен сум од интервенцијата, како и докторите. Она на што сум фокусиран во овој период е заздравување по комплицираната повреда и желба да се вратам на терените уште посилен. Процесот во оваа фаза бара мирување, но ќе вложам максимум напори и посветеност за што поскоро да се вратам во екипата.

МАРИЛИ: Што значи тоа? Дали Бесарт Ибраими ќе го видиме на прволигашките терени на пролет или можеби целата сезона е завршена?
ИБРАИМИ
: Рехабилитацијата засега оди по планот. Потребно е време, потребно е трпение. Повредата, сепак, не беше нималку наивна. Мислам дека наскоро ќе добијам дозвола за работа и се надевам за месец-два ќе се вратам на тренинзите. Неостварена желба во кариерата ми е пласманот во групи во Европа. Тоа е уште една причина плус да покажам истрајност во надминување на проблемот и посилен да се вратам на располагање на Шкендија.

МАРИЛИ: „Вардар“ е во проблеми и пред неизвесна пролет за разлика од „Шкендија“ која е во стабилна кондиција. Дали сметате дека петте бода се доволни за одбрана на титулата?
ИБРАИМИ:
Не треба да се оптоваруваме со „Вардар“ и внатрешната ситуација во клубот. Треба да останеме смирени, приземни и посветени на нас самите, на нашата игра. Убаво е што првиот дел го завршивме на првото место, но, сепак, рано е да се каже дали петте бода се доволни за одбрана на титулата. Таквата разлика понекогаш може да биде доволна, понекогаш не. До крајот на сезоната има уште доста натпревари за кои нè чека и доста работа. Пред нас се подготовки, преоден рок како можност за дополнително освежување на составот и цела пролетна полусезона во која се е можно. Имаме залиха што е добра основа за оптимизам за шампионско сценарио на крајот, но треба да ја задржиме со игри на терен. На добар пат сме, можеме до титула, но опуштање дека работата е завршена не смее да има. Тоа би можело да биде кобно по нас.

МАРИЛИ: Зад Македонија е добра година во Лигата на нации. Обезбеден е бараж за Европското првенство во 2020 година, а во март почнува и главниот циклус на квалификации. Може ли репрезентацијата, конечно, до голем турнир?
ИБРАИМИ:
Секако дека може. Лигата на нации е голема шанса. Мислам дека е најголема досега за Македонија да се квалификува на Европско првенство. Репрезентацијата има добра генерација играчи, сите до еден се добри момци, со искуство, со потенцијал, со квалитет. Вредно работат и заслужуваат и подобри резултати и пласман на голем турнир. Да заздравам од повредата и ќе бидам на располагање на селекторот Ангеловски и на стручниот штаб.

 

Содржината е прочитана 299 пати.