Бизнис вести

Секретаријатот за европски прашања треба да бара консултации со Европската комисија за воведувањето квоти за извоз на челик

Владата го задолжи Секретаријатот да организира средба со засегнатите компании од анти-дампинг постапката за челични производи отворена од страна на ЕУ, најдоцна до 20 јануари следната година заради усогласување на решенија од воведувањето на заштитните мерки

среда, 26 декември 2018

Владата го задолжи Секретаријатот за европски прашања да подготви барање за консултации со Европската комисија откако Европската унија најави дека ќе воведе квоти за производите од челик и алуминиум од Македонија. При изготвување набарањето Секретаријатот треба се координира со Министерството за економија, Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Царинската управа и со Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања.

„Владата го задолжи Секретаријатот да организира средба со засегнатите компании од анти-дампинг постапката за челични производи отворена од страна на ЕУ, најдоцна до 20 јануари следната година заради усогласување на решенија од воведувањето на заштитните мерки“, соопшти Владата.

Европската комисија во петокот упати нота до Македонија со која ја известува за воведување заштитни мерки за извоз на челик и на алуминиум со кои по надминување на квотата компаниите ќе плаќаат царина во висина од 25 отсто, давачка што досега не се плаќаше.

„Според новата формулација, просекот на извоз во 2015, 2016 и 2017 година, плус 5 отсто раст е воведена како заштитна мерка поради тарифите кои САД ги стави кон Европската унија и сега Унијата го заштитува својот пазар. Се што ќе биде над тие проценти, над тие дозволени тони извоз, ќе биде царинето со 25 отсто. Со тоа штетата за македонската економија би изнесувала приближно околу 100 милиони евра годишно“, рече вицепремиерот Бујар Османи минатата недела.

 

Содржината е прочитана 141 пати.