Инфо

Во три поликлиники во Скопје од 1 јануари ќе има дежурни педијатри во ноќна смена

Ноќните пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит пазар“ и „Ѓорче Петров“ ќе бидат отворени секој работен ден од 19,30 до 7,30 часот, во недела 24 часа, а лабораториите за испитување крв и урина ќе работат секој ден до 23,30 часот, а во недела од 8 до 23,30 часот

вторник, 25 декември 2018

Во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит пазар“ и „Ѓорче Петров“ од 1 јануари следната година ќе има дежурни педијатри во ноќна смена. 

Од Министерството за здравство информираат дека овие ноќни педијатриски пунктови во трите поликлиники во Скопје ќе бидат отворени за граѓаните секој работен ден од 19,30 до 7,30 часот, вклучувајќи ги и лабораториите за испитување крв и урина, кои ќе работат секој ден до 23,30 часот. Во недела овие пункотови ќе работат 24 часа, а лабораторијата од 8 до 23,30 часот.

Министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека целта на отворањето на ноќните пунктови е да им се овозможи на родителите побрзо и полесно да стигнат до медицинска помош за своите болни деца, како и да се намали фреквенцијата на пациенти во Детската клиника во ноќните часови.

„На мое големо задоволство го најавувам отворањето на педијатриските пунктови во трите поликлиники, каде лекарските служби ќе се приближат до пациентите кои живеат далеку од Клиничкиот центар. Прегледите ќе ги вршат општи лекари кои поминаа соодветни обуки за педијатриски прегледи. Трите педијатриски пунктови се опремени за прегледи на вонболничка здравствена заштита, или, покрај другото имаат можност за предглед на крвна слика и урина, инхалирање, со цел да може полесно да се дијагностицира здравствениот проблем кај најмладите пациенти. Со отворање на овие пунктови ќе се растовари метежот во Клинички центар, но, секако, потешките случаи, сепак, ќе бидат упатувани на Клиниката за детски болести“, рече Филипче.

 

Содржината е прочитана 333 пати.