Бизнис вести

Македонските челичарници загрижени, Анѓушев тврди дека квотите за извоз на челик во ЕУ нема да влијаат на економијата

Вицепремиерот вели дека македонските компании ќе можат да извезуваат челик по правилото кое предвидува на просекот од последните три години да се додадат дополнително пет отсто

вторник, 25 декември 2018

Додека расте загриженоста кај македонските челичарници дека квотите за извоз на челик што го воведува Европската унија може да им стават клуч на врата, надлежните во државава уверуваат дека тоа нема да предизвика пад на македонската економија.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев тврди дека македонските компании ќе можат да извезуваат челик по правилото, кое предвидува на просекот од последните три години да се додадат дополнително пет отсто.

„Квотите што ги воведува ЕУ се со цел да го заштити своето стопанство од нелојалната конкуренција и тоа нема да предизвика пад на македонската економија. Тука не станува збор за намалување, туку за зголемување од пет проценти. Може нема да има спектакуларен раст, но нема да има ни пад во индустријата во однос на последните пет години“, рече Анѓушев во гостувањето во емисијата „Топ Тема“.

Според вицепремиерот, најпогоден ќе биде „Макстил“, бидејќи, како што рече изминатите години биле лоши за компанијата и поради тоа ќе мора да извезува толкава количина.

Од компанијата, пак, тврдат дека нема да имаат каде да ги продаваат произведените количини, а тоа ќе значи дека ќе мора да запре производството на одреден период, принудни одмори, па дури можеби и отпуштање работници, како крајна последица.

Завчера вицепремиерот Бујар Османи рече дека од Брисел стасала формална нота според која од идната година за македонските компании кои произведуваат челик и алуминиум ќе важат новите мерки за ограничен извоз во ЕУ. Тоа, според сегашните проценки ќе не чини 100 милиони евра годишно.
 

Содржината е прочитана 141 пати.