Бизнис вести

Тевдовски: Јавниот долг под контрола, растот на платите и намалувањето на невработеноста ја одбележаа годинава на економски план

понеделник, 24 декември 2018

Јавниот долг е ставен под контрола, а економијата годинава ја одбележаа растот на платите и намалувањето на невработеноста, рече министерот за финансии Драган Тевдовски и потенцираше дека годинава е направен сет од 10 клучни реформи за подобар систем на јавни финансии

„Јавниот долг е ставен под контрола – во 2016 година изнесуваше 48,8 проценти, а денес 48,2 отсто. Зголемена е и довербата на инвеститорите, што влијаеше на намалување на каматната стапка и зголемување на рочноста на инструментите“, рече Тевдовски потенцирајќи ја издадената 30-годишна обврзница, како и најуспешната еврообврзница досега со историски најниска каматна стапка од 2,75 отсто.

„Платите заклучно октомври пораснаа за 5,7 проценти. Невработеноста е значајно намалена и се приближува до 20 проценти, а се отворени над 14 илјади нови работни места. Странските директни инвестиции се значително повисоки во однос на минатата година. Индустриското производство во континуитет забележува добри резултати, додека извозот има двоцифрен раст“, рече министерот.

Според него даночната реформа ќе обезбеди фер даночен систем и постепена фискална консолидација, пензиската реформа ќе го стабилизира ПИОМ и ќе го намали дефицитот во Фондот, додека реформата на социјалниот систем ќе овозможи гарантиран минимален приход и подобро таргетирање на социјалните трансфери.

Министерот рече во буџетот за 2019 година се предвидени покачувања на платите во здравството, образованието, најмногу средства досега за активните мерки за вработување, повеќе средства за поддршка на претпријатијата, средства за крупни инфраструктурни проекти.

 

Содржината е прочитана 193 пати.