Култура

Во МАНУ промовирани три изданија во чест на Блаже Конески

четврток, 20 декември 2018

Изданијата „Епоха Блаже Конески“ од академик Георги Старделов, „Блаже Конески – Чествувања по повод јубилејот 50 години МАНУ“ од академик Луан Старова и „Критички изданија за Блаже Конески“ во редакција на академик Милан Ѓурчинов беа промовирани денеска во Македонската академија на науките и уметностите. Промоцијата беше во чест на првиот претседател на МАНУ, Блаже Конески и имаше симболичко значење, бидејќи беше одржана на денот кога се одбележува неговиот роденден.

Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити истакна дека книгата за големиот Блаже е сè уште недовршена и дека уште долго ќе се пишува за него, долго ќе се анализира неговиот грандиозен научен и поетски опус.

„Нема сомнение дека академик Блаже Конески влегува во редот на најмаркантните личности од поновата историја на Република Македонија. Нема сомнение дека неговите заслуги и придонеси за македонистиката, за славистиката, македонскиот јазик, книжевност, литература се огромни и факт е дека неговото монументално дело е вградено во темелите на МАНУ“, рече академик Таки Фити.

Делото на Блаже Конески ќе остане незаборавено. Неговото втемелување на македонскиот правопис, македонската книжевност и поезија како и основањето на МАНУ ќе го споменуваат и идните генерацнии како едно од делата кои македонската книжевна литература ја поместија во светските рамки.
 

Содржината е прочитана 277 пати.