Бизнис вести

Одгледувачите на овци бараат поголеми субвенции и државна интервенцирја при ниска откупна цена на јагнето

Министерот Љупчо Николовски ветил дека се сите барања ќе бидат детално разгледани и ќе се направат анализи за да се види кое од нив може најбрзо да се реализира и информирал дека се предвидени нови мерки за следната година

четврток, 20 декември 2018

Да се зголемат субвенциите по грло и за оставено женско јагне, државата да интервенира кога откупната цена на јагнето e пониска од производната, а Државниот инспекторат за земјоделство да изврши инспекциски контроли на тоа како се мерат јагнињата при откупот. Ова се дел од предлозите што одгледувачите на овци ги изнесоа на средбата со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Министерот Николовски им порача дека сите барања ќе бидат детално разгледани и ќе се направат анализи за да се види кое од нив може најбрзо да се реализира.

„Веќе работиме на нови мерки за оваа гранка. Така, од следната година со Програмата за рурален развој за 2019 планирано е зголемување на сумата за мерката ’Набавка на приплоден добиток’ од постоечките 14 милиони денари на 60 милиони денари, субвенциите за предадено овчо млеко од годинешните 4 денари се зголемуваат на 4,5 денари за литар предадено млеко. И следната година во Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 10 отсто ќе бидат зголемени субвенциите за сточарите со развоен потенцијал, вклучително и за одгледувачите на овци“, им порача Николовски на одгледувачите на овци.

Исто така, министерот посочи дека од 2019 година ќе бидат одвоени 24,5 милиони денари наменети за фотоволтаици, водопоила и корита за летните трла со овци, со можност оваа сума да се зголеми доколку е потребно. Од следната година ќе започне електронско преобележување на ситниот добиток, вклучително и на овците, со што ќе се евидентира точниот број на добиток, што е важно за креирање на мерките за субвенции во овчарството.

 

Содржината е прочитана 140 пати.