Бизнис вести

Од почетокот на 2019 државните обврзници ќе се тргуваат на Македонска берза

Со котацијата на државните хартии од вредност на Берзата, тие стануваат достапни за голм број домашни и странски инвеститори

четврток, 20 декември 2018

Државните хартии од вредност од почетокот на 2019 година ќе котираат на Македонската берза со што ќе станат достапни за домашните и за странските инвеститори.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски и директорот на Македонската берза, Иван Штериев вчера потпишаа договор за котација на државните обврзници. Со тоа Македонија ја следи европската пракса и примерите на сите развиени земји со функционален пазар на капитал.

„Се прави клучен чекор кон развивање на пазарот на капитал. Покрај доброразвиениот примарен пазар, се развива секундарниот пазар на тргување. Од почетокот на 2019 година државните хартии од вредност ќе станат достапни за повеќе инвеститори, како во земјата така и во странство. Преку заедничката платформа на берзите од регионот, СЕЕ линк, македонските државни обврзници ќе станат достапни за инвеститорите од регионот, но и од Европа. Инаку, државните хартии од вредност на другите земји од регионот веќе се достапни на СЕЕ линк. Ова ќе придонесе за поголема видливост на цените, за поголема транспарентност. Секако, поголемата конкуренција кај побарувачката ќе обезбеди подобра цена, односно, камата“, рече Тевдовски.

Според Штериев, пак, со котацијата на државните хартии од вредност ќе се зголеми понудата на Берзата.

„Берзанската котација на државните обврзници ќе значи дека овој финансиски инструмент ќе стане максимално визибилен и полесно достапен на секундарниот пазар на хартии од вредност во Република Македонија, а истовремено ќе ја зголеми расположливата понуда на Берзата. Воедно, котацијата и тргувањето на регулиран пазар ќе претставува нов квалитет за континуираните државни обврзници, што би требало да придонесе за уште поголем интерес за вложување во овој инструмент од страна на домашните и странски инвеститори, со сите позитивни повратни импликации од тоа, вклучително и поповолни услови при издавање на обврзниците во иднина“, рече Штериев.

 

Содржината е прочитана 145 пати.