Интервјуа

И руралната жена може да биде дама, треба прво сама да верува во тоа

Интервју со Васка Мојсовска, генерален менаџер на „Агро Калем“ Тимјаник – Неготино и претседател на Националната федерација на фармери во кое говори за тоа како е да се води семеен бизнис во аграрот, за предизвикот да се биде претседател на ННФ, но и за бариерите со кои се соочува руралната жена

среда, 19 декември 2018

МАРИЛИ: „Агро Калем“ Тимјаник е Ваш семеен бизнис веќе 20 години. Што беше причина да се одлучите за таков чекор и со што точно се занимава компанијата? 
МОЈСОВСКА:
Мене животот ме научи дека треба цело време да се борам за опстанок. Уште од дете, откако знам за себе јас сум по нивите и заедно со мојот брат пораснавме на нивите во Тимјаник посеани со тутун, пипер, лозје и така натаму. Откако нашите родители за време на транзицијата останаа без работа, единствен излез за спас за опстанок најдоа во земјоделието и обработката на земјата. Тоа детство поминато во калта, мене едноставно ме исчеличи. Потоа на 19 години со незавршени студии стапив во брак со мојот сопруг Гоце Мојсовски, тоа беше во 1997 година, кога вработување имаше многу малку, а особено за селските деца ни најмалку. Тогаш тој доби наследство од неговите родители 1,5 хектар лозов насад и немајќи што друго да работиме, решивме да работиме земјоделие –лозарство. Но, уште првата година сфативме дека ако работиш земјоделие, треба да работиш или поголеми површини за да егзистираш, или не треба да работиш. Тогаш почнавме секоја година да садиме по малку нов лозов насад, така што, за да купиме ниви моравме да ги продадеме автомобилот и старата застава за да допреме до финансии. Но, и тоа не беше доволно, па јас на мои 22 години со две мали деца, со студирање , работа на поле и немајќи никаков сопствен имот, решив да ги убедам свекор ми, сопругот, девер ми и брат ми да го заложат нивниот движен и недвижен имот и јас да земам наменски кредит за да можам да подигнам поголема површина со лозов насад. За да можеме да заштедиме на купувањето лозови садници, решивме јас и сопругот да пробаме да почнеме да калемиме ние лозови садници за наша потреба и заради тоа отидовме да го учиме занаетот во Србија. Откако видовме дека можеме да произведуваме садници за нашите лозови насади, почнавме да произведуваме и за продажба. Не беше воопшто лесно да се учи, да се работи и да се одгледуваат две мали дечиња кои што пораснаа по нивите исто како мајка им и татко им, но, ако волјата и желбата за успех се поголеми од маката, тогаш ништо не ти е тешко.Така почнавме да ги зголемуваме и лозовите насади и производството на лозовите и на овошните садници и потоа ја отворивме и нашата семејна фирма „АГРО КАЛЕМ Тимјаник“ која што, со гордост можам да кажам дека е најголема фирма за производство на домашен лозов и овошен саден матерјал во Македонија. Така што, идеата дојде од самиот мој живот и од борбата за опстанок. „АГРО КАЛЕМ“ сега произведува лозови и овошни садници трпезно и винско грозје и житарица. 

МАРИЛИ: Какви новини воведовте во компанијата, дали го зголемивте асортиманот и со што?
МОЈСОВСКА:
За една компанија да опстојува на пазарот, треба нон стоп да се движи, односно, да внесува новитети и модернизација во производството, се со цел да го подобри квалитетот на своите производи, а и да го зголеми полето за работа. Така и ние секоја година чекор по чекор го осовременуваме нашето производство, како во производство на нови сорти садници, така и во подигање нови модернизирани лозови насади со трпезни сорти кои имаат и квантитет и квалитет на грозјето. Изградбата и отварањето сопствен ладилник, исто така ни е новитет оваа година, бидејќи ни се олесни складирањето и чувањето на нашите производи (грозјето и садниците).

МАРИЛИ: Вашата храброст и упорност да егзистирате од аграр, и тоа многу успешно, на некој начин доби верификација со тоа што Националната федерацијата на фармери на Македонија годинава за прв пат доби жена-фармер на челната позиција. Како се снаоѓате со оваа функција и кои се најважните обврски на кои сте ангажирана како претседател на НФФМ? 
МОЈСОВСКА:
После 15 години од основањето, за прв пат на чело на организацијата фармерите решија да застане жена. За мене тоа претставува огрома чест, но и одговорност да се оправда довербата. Функцијата претседател на НФФ е голем предизвик за мене како личност која целиот свој живот работи земјоделие и егзистира од земјоделие. Земјоделството е гранка која има премногу проблеми за кои што треба многу труд, лобирање и многу нерви за решавање на тие проблеми. Јас, како претседател, заедно со целиот управен одбор на НФФ со заеднички ставови и предлози се трудиме колку што можеме да придонесеме за изнаоѓање решенија за тие проблеми. Подобрување на состојбата со пласманот на сите земјоделски производи мене ми е приоритет во овој предизвик - претседател на НФФ, подобрување на економскиот и социјалниот живот на руралната жена и вклучување на поголем број млади фармери на кои единствена егзистенција им е земјоделието.

МАРИЛИ: Неодамна, со министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство и за труд и социјална политика потпишавте Декларација за подобрување на статусот на руралните жени. Што конкретно значи ова, која е целта на Декларацијата?
МОЈСОВСКА:
15 октомври е ден на руралната жена кој што е донесен со декларација од Обединетите нации и се слави во 80 земји во светот меѓу кои и Република Македонија, а нашата организација заедно со мрежата за рурален развој веќе 11 години го одбележува овој ден. Оваа година, на мое големо задоволство се потпиша Декларација за економско и социјално јакнење на руралната жена заедно со двете ресорни министерства –Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика. Целта на Декларацијата е подобрување на социјалниот и економскиот живот на жените од руралните средини.
Жените во руралните средини се невидливи, маргинализирани и оставени сами да се борат за опстанок. Така изгледаат жените во руралните средини. Социјална исклученост, невработеност, полова дискриминација, нееднаква распределба на приходите и ресурсите, доминација на традиционални норми, лишување од сопственост на земјоделско земјиште и имот, лишување од правото на породилно отсуство, ограничени пристапи и понуда за образование, информации, јавни и социјални услуги и здравствена заштита. Дури 3 од 4 жени во руралните средини се неплатени, а највисоки стапки на невработеност се кај млади рурални жени. Околу 64 отсто од жените во руралните средини не се активни на пазарот на трудот заради нивниот ангажман во домаќинството и грижата за децата.
На жените кај нас треба да им се зајакне самодовербата најпрво да веруваат во себе и во тоа што сакаат да го работат и да бидат похрабри во донесувањето на одлуките ако сакаат да се зафатат да работат свој бизнис, а потоа и финансиски да бидат подржани од банките. Ако на една жена во урбана средина и е тешко да успее со сопствениот бизнис, верувајте, на руралната жена и е 10 пати потешко да успее како жена лидер.Тоа е така, бидејќи руралните жени целиот свој живот го поминуваат на работа во поле и во куќата и нејзиниот труд е најчесто неплатен. Таа се соочува со традиционалните бариери, а тоа е немањето сопствен имот, немањето социјален и културен живот. Овие традиции таа сама смета дека се исправни и ги прифаќа како нормални. И да има идеја за отпочнување сопствен бизнис, таа е ограничена со тоа што не е кредито способна, бидејќи нема сопствен имот. Мислам дека тука можат да помогнат државните институции со разни мерки и програми каде што поголем акцент ќе им се даде на жените, а се разбира и банките со поволни кредити и поволни услови за аплицирање на тие кредити.
Многу е мал бројот на жените во руралните средини кои се подржани од своите семејства во тоа што го работат, токму поради тие традиционални бариери кои што се присутни најмногу во селата. Само 5проценти од руралните жени имаат свој недвижен имот, а тоа покажува колку тие се борат за своите права, бидејќи тие со закон можат да си побарат дел од сопствените родители, но не сакаат зашто сметаат дека имотот припаѓа на машките деца а не на ќерките. Така и тие ги учат соспствените деца и тоа си трае. Она што сакам да потенцирам е дека жените кои живеат во руралните средини се соочуваат со голем број предизвици како што се невработеноста, родовата дискриминација на пазарот на труд, доминантноста на традиционалните општествени норми, ограничени пристапи и понуда на едукација, информација, здравствена заштита, јавни и социјални услуги. Сето тоа се рефлектира негативно врз економскиот и социјалниот живот на жените од руралните средини и можноста да ги уживаат целосно човековите права и слободи.
Тргнувајќи од аспект на тоа дека Република Македонија е држава која се стреми да биде дел од европското семејство, постоењето на родовата еднаквост во секој дел од општеството, вклучувајќи го и земјоделството и руралниот развој треба да биде сериозно сфатено од сите нас. И, доколку застанеме вака - многубројни и обединети, ќе можеме многу повеќе да делуваме и да придонесеме за развој на руралните средини. 

МАРИЛИ: Што значи да се гради еден семеен бизнис каков што е Вашиот и да се обезбедува менаџерскиот кадар во рамки на семејството? Успеавте ли да им ја пренесете љубовта кон овој бизнис на децата?
МОЈСОВСКА:
Да се гради еден семеен бизнис, а особено во секторот аграр, е многу напорно како физички така психички. Бара 24-часовна посветеност и ангажираност. Нашата работа не е шаблонска, бидејќи е поврзана и со временските услови и со навременото исполнување на обврските околу работата. А, во последниве неколку години и климатските промени ни прават огромни потешкотии во производството. Потоа, немањето доволно работна рака е огромен проблем со кој се соочува земјоделието и затоа треба многу нерви, посветеност, балансирање и умешност сето тоа да се изменаџира и да се работи. Моите деца, мојата ќерка која има 21 година и синот 19 години, од мали се вклучени во нашата работа, калта им беше замена за играчките и тие целосно се запознаени со целиот процес на работата на поле, знаат дека основна егзистенција за живот ни е земјоделието, така што и нивниот понатамошен ангажман ќе биде во земјоделието. Ќерка ми веќе е трета година на Земјоделскиот факултет во Скопје отсек овоштарство со лозарство, а и син ми е прва година на истиот факултет. Така што, јас очекувам тие во иднина целосно да се вклучат во нашата работа. 

МАРИЛИ: Колку е напорно да се биде успешен менаџер во аграрот, истовремено да се преземе улогата на прв човек во Федерацијата и да се одговори на обврските како сопруга и мајка?
МОЈСОВСКА:
Секоја функција на еден човек во неговиот живот придонесува тој самиот да се надоградува како личност. Така и јас, слободно можам да кажам дека работењето со земјоделците мене ме исполнува и секој нивни проблем го гледам како свој проблем, а ако заеднички успееме да најдеме решение, тоа ме исполнува и ми дава елан за нови предизвици. Од друга страна, пак, отсуството од дома и отсуството од мојата работа поради ангажманите во Организацијата придонесуваат да трпи семејството и работата, но ќе кажам дека ако се сака, ништо не е тешко, само со добра организација и координација може да се постигне и работата во компанијата и во организацијата. Секако дека поддршката од семејството овде има многу важна улога, а и целото семејство е вклучено во работата, така што се надополнуваме сите еден со еден кога некој е отсутен од работата. 


МАРИЛИ: Може ли жена што работи во земјоделие да биде и дама, да се негува и да живее современ, модерен живот? Ги разбивме ли стереотипите околу ова?  МОЈСОВСКА: Секако дека може. Отсекогаш сум била поборник за тоа дека секоја жена, што и да работи, каде и да работи, ако посветува малку време на себе може да изгледа како дама, па зошто да не и жената земјоделка. За мене не постои оправдувањето „НЕМАМ ВРЕМЕ“. Време за себе секој треба да си најде, а особено жената од рурални средини, која е целосно посветена на семејството, мора и за себе да најде време да се среди и стокми и да биде вистинска дама. Најостро ги осудувам оние личности кои кога ќе видат негувана жена која работи земјоделие, со огромен скептицизам не веруваат дека таа дама е жена земјоделка. Овие стереотипи, за жал се уште постојат кај поголем број луѓе кои мислат дека ако една жена се занимава со земјоделие, треба да изгледа калива несредена, со работнички и испукани раце, што е сосема неточно. А, за да исчезнат овие сфаќања, треба најпрво руралните жени да си го отфрлат тоа сфаќање за себе, па потоа другите.
 

Содржината е прочитана 1586 пати.