Бизнис вести

Ќе се враќаат парите за камати на кредитите за ИПАРД инвестиција

Помошта е наменета за кредити со каматна стапка во висина до 8 проценти на годишно ниво, пласирани исклучиво од банки и штедилници со дозвола за работа од НБРМ за период до 10 години. Услов е кредитот да не е повисок од 500.000 евра во денарска противвредност

вторник, 18 декември 2018

Сите правни и физички лица кои по 25 декември 2016година користеле средства од Повикот за ИПАРД програмата, а за реализација на инвестицијата подигнале кредит, ќе може да добијат финансиска помош во висина од 50 до 75 отсто од каматната стапка на годишно ниво за период од 10 години.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски рече дека помошта е наменета за кредити со каматна стапка во висина до 8 проценти на годишно ниво, кои се исклучиво пласирани од банки и штедилници со дозвола за работа од НБРМ за период до 10 години и тоа за инвестиции кои се финансирани од инструментoт за претпристапна помош во земјоделството и руралниот развој од Европската унија (ИПАРД).

„Услов е кредитот да не е повисок од 500.000 евра во денарска противвредност по среден курс на НБРМ утврден на денот на склучувањето на договорот за кредит. Право на користење на финансиски помош ќе имаат корисници на финансиски средства од (ИПАРД), кои потпишале договор после завршување на последниот јавен повик за субвенционирање на каматна стапка, односно после 25.12.2016 година“, истакна Бабовски

Сите кои ги исполнуваат условите потребно е да креираат електронско барање по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk, за финансиска поддршка со соодветни податоци и да прикачат задолжителни електронски документи: договор за склучен кредит со банка или штедилница за инвестицијата финансирана од Инструментoт за претпристапна помош во земјоделството и руралниот развој од Европската унија и детален амортизационен план кој е прилог на договорот за кредит.

Барањата кои ги исполниле условите за користење на средства за мерката 2 ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на електронското барањето на e-baranje.ipardpa.gov.mk . Барањата што нема да бидат поднесени електронски нема да се разгледуваат.

Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка, или најмногу две поединечни барања по различни мерки, земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година.

Барањата може да се поднесуваат најдоцна до 18 јануари 2019 година.

 

Содржината е прочитана 200 пати.