Инфо

Токсичниот линдан од ОХИС ќе биде отстранет за три до пет години

Има три начини за трајно решавање на проблемот со линданот, за што ќе бидат потребни од 40 до 260 милиони евра. Кој метод ќе биде користен, ќе зависи од собраните средства

вторник, 18 декември 2018

Илјадниците тони токсичен линдан што со години се складирани во кругот на ОХИС ќе бидат отстранети за три до пет години. За таа цел Владата вчера попиша Меморандум за соработка со Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации – UNOPS и со Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка претставувано од Амбасадата на Кралство Норвешка за Србија, Македонија и Црна Гора. Процесот ќе го води Генералнот секретаријат на Владата.

Проектот предвидува да се формира заеднички Фонд како системски механизам за расчистување на индустрискиот токсичен отпад во поранешната фабрика ОХИС во согласност со европските стандарди, хармонизација во полето на заштита на животната средина и промоцијата на Градот Скопје како безбеден, отпорен и одржлив град.

„Познато е дека одредена количина од овој опасен пестицид со години е затрупан во кругот на фабриката и претставува закана за животната средина. Република Македонија, со потпишување на Стокхолмската конвенција во 2004 година, во којашто линданот како токсична материја е додаден во 2009 година, e обврзана да го реши овој проблем. И затоа час поскоро мора да го дислоцираме отпадот без последици врз околината и врз граѓаните“, рече премиерот Зоран Заев.

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски појасни дека се можни три решенија за трајно решавање на проблемот со линданот во ОХИС, за што ќе бидат потребни од 40 до 260 милиони евра.

„Во зависност од собраните средства ќе зависи изборот на методот кој ќе го користиме за уништување на отпадот од опасниот пестицид линдан. Сакам да истакнам дека истовремено ќе се чистат двете депонии во поранешната фабрика ОХИС и очекуваме дека тој процес ќе трае од 3 до 5 години“, рече Рашковски.

Амбасадорот на Кралството Норвешка за Македонија, Србија и Црна Гора, Арне-Санес Бјорнстад истакна дека неговата земја е задоволна што може да и помогне на Република Македонија да ја дислоцира најцрната еколошка точка во земјата. Истакнувајќи дека безбедноста на граѓаните е на прво место, тој потенцирашедека овој процес дополнително ќе го олесни патот на земјата кон ЕУ.
 

Содржината е прочитана 165 пати.