Инфо

Стинг пак во Скопје, на 2 јуни со концерт на стадион

„Авалон Продукција“ ќе ги пушти влезниците во продажба во среда (19 декември) во 9 часот наутро, а цените ќе ги објави вечерва во 21 часот

понеделник, 17 декември 2018

Стинг повторно доаѓа во Скопје. По шоуто што се одржа во Вип Арената на 15 октомври 2017 година, „Авалон Продукција“ го враќа во Скопје планетарно познатиот музичар на 2 јуни 2019, овој пат со историско, стадионско шоу на „Филип Втори“. Стадионот во главниот град на Македонија за прв пат ќе биде место на кое ќе се одржи концерт на една светска ѕвезда од калибарот на Стинг.

Во рамките на турнејата „My songs“ која во суштина претставува best off tour, Стинг ќе понуди едно несекојдневно и динамично шоу, фокусирајќи се на неговите најдобри песни од ерата на „The Police“ и од соло кариерата. „Englishman in New York“, „Fields of gold“, „Shape of my heart“, „Every breath you take“, „Roxanne“, „Message in a bottle“ се само некои од легендарните песни што ќе можат да се слушнат вечерта во Скопје, во изведба на една од најголемите рок ѕвезди на светот на сите времиња.

„Авалон“ ќе ги пушти влезниците во продажба во среда (19 декември) во 9 часот наутро, а цените ќе ги објави вечерва во 21 часот.

„Иако звучи неверојатно, сепак, е вистинито, Македонија во една година ќе може да види три концерти на артисти од светската А-листа на изведувачи: Sting, Lenny Kravitz и Eros Ramazzotti“, велат од „Авалон Продукција“!


 

Содржината е прочитана 167 пати.