Бизнис вести

Тевдовски очекува да продолжи намалувањето на каматните стапки

Министерот за финансии се надева дека банките ќе го следат потегот и ќе пласираат повеќе евтини кредити и за фирмите и за граѓаните, со што ќе се поттикне растот на економијата

четврток, 13 декември 2018

Министерот за финансии, Драган Тевдовски очекува да продолжи трендот на намалување на каматните стапки, посебно на каматите за кредитите за компаниите, откако вчера Народната банка ја намали основната каматна стапка со што ја олабави монетарната политика.

Тевдовски се надева дека банките ќе го следат потегот и ќе ги намалат каматите и ќе пласираат повеќе евтини кредити и за фирмите и за граѓаните, со што ќе се поттикне растот на економијата. Но, сепак, крајниот збор ќе го маат самите банки, бидејќи, како што вели, тоа е деловна политика на банките. Тој додава дека и во Министерството за финансии се преземени чекори со цел да се овозможат повеќе средства за приватниот сектор преку намалување на каматните стапки на хартиите од вредност што ги издава Министерството.

„Наш приоритет е да се зајакнат капацитетите на приватниот сектор, односно, да има поевтини извори на кредитирање, да има подобра деловна клима и секако, тоа што вчера го направи Народната банка е чекор во таа насока“, рече Тевдовски и потенцираше дека кредитирањето на бизнисот во првите девет месеци годината има раст од 5,5 отсто што не се случило во изминатите десетина години.

Инаку, Народна банка на Република Македонија вчера ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, односно од 2,75 на 2,50 проценти.

„Намалувањето на каматната стапка е одраз на натамошните поволни движења на девизниот пазар што упатуваат на солидна надворешна позиција и стабилни очекувања на економските субјекти“, соопштија од НБРМ.

 

Содржината е прочитана 147 пати.