Бизнис клуб

Жените во Македонија се поизедначени со мажите на работа отколку тие во САД и во Шведска

Според Индексот за еднаквост на работното место што го изработи Европскиот совет за надворешни односи (ЦФР), најголема еднаквост нуди Австралија, додека најмала Јемен

четврток, 13 декември 2018

Вработените жени во Македонија се повеќе изедначени со мажите на работа отколку оние во САД, или во некои западноевропски земји. Индексот за еднаквост на работното место што го изработи Европскиот совет за надворешни односи (ЦФР) покажува дека Македонија, Босна и Херцеговина и Хрватска нудат поголема еднаквост на работното место од САД, Германија или Норвешка.

Речиси изедначени на работните места се мажите и жените во Австралија и оваа држава е прва на листата, додека на дното е Јемен. Македонија се наоѓа на одличното 17 место.

При изработката на индексот се рангирани 189 држави врз основа на неколку фактори за еднаквост на работното место, како што се обезбедување стимулации за жените да се приклучат на пазарот на труд, поддршка на жените во градењето кредитен рејтинг, можноста жените да добијат иста работа како и мажите и присуство на заштита од насилство.

Резултатите се пресметуваат според одговорите дадени на вкупно 60 прашања поврзани за правото и за политиката. На пример, „Може ли жените да работат исто часови како и мажите?“, „Дали на мајките им се загарантирани еднакви позиции по породилното отсуство?“, „ Дали законот забранува дискриминација од страна на доверителите врз основа на брачниот статус и пристапот до кредит?“

Позитивен одговор на сите прашања носи 100 поени, но ниту една земја не го постигнала тој резултат. Прворангираната Австралија има 94,9 поени, а Македонија 86,6 поени. Од регионот, најдобро пласирана се БиХ која со 92,2 поени се најде на 6 место и Хрватска со 87,7 поени на 15 место. Зад Македонија се Словенија на 33. место, Албанија на 38, Косово на 41, Бугарија на 47, Грција на 51 и Србија на 53. место.

Од најдобро рангираните, после Австралија следуваат Канада и Нов Зеланд, САД се на 20 место, Шведска на 21 и Германија на 31 место.
 

Содржината е прочитана 139 пати.