Инфо

Протест на вработените во Клинички центар против поскапување на паркингот

Здравствените работници се заканија дека ќе ги блокираат нплатните рампи на паркингот доколку Градот Скопје не ја повлече одлуката за поскапување

вторник, 11 декември 2018

Вработените во скопските клиники се заканија дека од утре ќе ги блокираат наплатните рампи на паркингот доколку Градот Скопје не ја повлече одлуката за поскапување на паркирањето на паркингот во кругот на Клиничкиот центар со кој стопанисува ЈП „Градски паркинг“.

Денеска за време на паузата медицинарите протестираа откако вчера Советот на Град Скопје донесе одлука по предлог на градоначалникот Петре Шилегов да поскапи месечната карта за паркирање од 300 на 800 денари за вработените во Клиничкиот центар. Тие велат дека зголемувањето на цената за паркирање нема да го реши хаосот со паркирањето внатре во Клиничкиот центар, а од друга страна најмногу ќе ги погоди оние кои земаат помали плати.

„Овде не станува збор само за зголемување на цената за паркирање на лекарите, меѓу нас има и други вработени кои имаат многу помали плати и кои едвај и оваа цена ја плаќаат. А, и паркингот не е на Градот, туку земјиштето е на Република Македонија “, вели д-р Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на вработените во Клиничкиот центар.

Здравствените работници се револтирани од изјавата на градоначалникот дека луѓето болни умирале на паркинг поради возилата на здравствените работници. Велат дека Градот нема ништо вложено во паркингот, ниту, пак, има некаков ред и не може да кажува дека порад лекарите пациентите не можеле да влезат со автомобили.

Од Градот Скопје вчера најавија дека ќе го поскапат паркирањето и наместо досегашните 300 денари, вработените во Клинички центар ќе плаќаат 800 денари за паркирање месечно. Со зголемување на месечната карта за паркирање за 500 денари, градоначалникот Шилегов очекува да се регулира сообраќајниот хаос во кругот на Клинички. Според него, на паркингот на Клинички центар има 670 места, а издадени се 1.500 месечни карти, за кои вработените плаќаат повластена цена.
 

Содржината е прочитана 132 пати.