Бизнис вести

Жените – земјоделки се жалат на дискриминација

Жените кои се занимаваат со земјоделско производство бараат државата да воспостави сет економски мерки кои ќе дадат ефект за развојот на жената во Програмата за рурален развој и земјоделство

вторник, 11 декември 2018

Да се отстрани мерката 115 од Програмата за рурален развој 2018-2021 која е дискриминаторска, бидејќи дава поддршка само на мажените земјоделки и на оние кои имаат родено едно дете. Жените кои се занимаваат со земјоделско производство бараат државата да креира стратегија за обезбедување пристап до право на земјиште и сопственост на имот за жените од руралните средини.

Изнесувајќи дел од барањата на земјоделките, претседателката на Националната федерација на фармери (НФФ), Васка Мојсовска пред годишниот состанок на жените-фармери што се одржа на Факултетот за земјоделски науки и храна потенцираше дека жените во руралните средини се маргинализирани, заборавени од државата и оставени сами да се борат за опстанок. Овие жени се невработени, полово дискриминирани, лишени од сопственост на земјоделското земјиште, од правото на породилно отсуство и со ограничени пристапи кон образование, социјални услуги и здравствена заштита.

„Бараме од Владата да воспостави сет економски мерки за зголемување на можностите за вработување на жените во руралните средини, мерки со кои ќе се препознае неплатениот труд на жените за грижа за семејството и земјоделската работа и решенија за руралните жени кои не ги исполнуваат условите за пензија да имаат право на пензија, како и решавање на проблемот со правото на породилно отсуство, мерки кои ќе дадат ефект за развојот на жената во Програмата за рурален развој и земјоделство“, рече Мојсовска.

Мојсовска истакна дека околу 64 проценти од жените во руралните средини не се активни на пазарот на трудот заради нивниот ангажман во домаќинството и грижата за децата, а 47 отсто од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми.

„НФФ поднесе извештај до Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација на жените при ОН коj ја следи имплементацијата на Конвенцијата за елиминација на дискриминацијата на жените ратификувана од РМ во 1994 година. Комитетот на ОН и препорача на нашата Влада сите наши барања да ги имплементира во мерки за подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните средини“, рече Васка Мојсовска, првата жена фармер која е на чело на Националната федерација на фармери.

 

Содржината е прочитана 237 пати.