Култура

Романот „Ангелите од Москополе“ од Катја Максим објавен на македонски јазик

Делото е во издание на „Бата прес“, а од романски го преведе Димо Н. Димчев

вторник, 11 декември 2018

Историскиот роман „Ангелите од Москополе“ од познатата романска писателка Катја Максим е објавен на македонски јазик. Романот е во издание на „Бата прес“, а делото од романски на македонски јазик го преведе Димо Н. Димчев.

Со романот, кој е прв дел од истоимената трилогија, авторката нѐ враќа во едно минато, во за нас еден близок простор и на судбината на градот – трговски, стопански, културен и образовен центар на Власите, што во времето на Османлиската империја успешно опстојувал и соработувал со градовите и местата во Македонија, Албанија, Грција, Црна Гора, но и пошироко со Венеција и Виена... И самиот наслов е симболичен, ангелите вистински постојат во романот, заљубените Алеку и Домника својата љубов сакаат да ја крунисаат со венчавка на црковниот олтар, но ја споделуваат трагичната судбина со градот чии жители организирано се борат против налетите на турскиот аскер под команда на Али-паша Јанински.

Есента 1788 година, кога Османлиската Империја се чувствувала загрозена од Русија и востанијата на православните народи, за жал, ништо не можело да го спаси Москополе, неговата академија, палатата на челниците, печатницата, многубројните цркви...

Ангелите од Москополе не е само еден восхитувачки документарен, историски роман, тоа е и прекрасна љубовна сага. Делото е објавено со поддршка на Министерството за култура како проект од национален интерес во културата во областа на издаваштвото за 2018 година.

Катја Максим е литературен псевдоним на романската писателка Кармен Екатерина Константинеску. Завршила Филолошки факултет во Букурешт. Има објавено повеќе прозни дела – раскази и романи. Романот „Ангелите од Москополе“ е првиот дел од истоимената трилогија за трагичните настани во Москополе. Вториот дел е за животот на прогонетите од Москополе во Битола, а третиот дел е за животот на прогонетите во Романија.

 

Содржината е прочитана 267 пати.