Инфо

Град Скопје ќе воведе втора, поевтина тарифа за такси превоз

Со новата тарифа стартот ќе чини 50 денари, а во таа цена се вклучени 2 километри, цената на секој нареден изминат километар ќе биде 25 денари

понеделник, 10 декември 2018

Градот Скопје ќе воведе втора тарифа за такси превозот, што ќе биде поевтина од сегашната, а таксистите ќе одлучат која ќе ја користат, дали новата или ќе останат на постојната.

Одлуката за воведување нова тарифа за такси превоз ќе треба да ја донесат градските советници на утрешната седница на Советот на Скопје. Воведувањето нова тарифа се наметнува со измените на Законот за превоз во патниот сообраќај кои предвидуваат воведување повеќе тарифи за цената на такси превозот.

Со сегашната тарифа стартот на такси превозот чини 40 денари и за секој изминат километар се плаќа 25 денари. Со новата тарифа, стартот ќе чини 50 денари, но во таа цена се вклучени 2 километри, а цената на секој нареден изминат километар останува 25 денари.

„Со новата одлука и воведувањето на новата тафира граѓаните добиваат пониска цена на услуга на такси превозот. Ако по првата тарифа, 2 километри возење чини 90 денари, по втората тарифа ќе чини само 50 денари. Измената на Законот за превоз во патниот сообраќај во однос воведување повеќе од една тарифа за такси услуги беше по барање на такси превозниците“, велат од Град Скопје.

Таксистите кои ќе ја изберат новата тарифа, ќе треба да направат ново баждарење на таксиметарот и на фискалниот апарат.

 

Содржината е прочитана 273 пати.