Бизнис вести

Форум на добри компании: Да се креираат работни места за сите групи граѓани

Компаниите треба да најдат начин да дојдат до добивка користејќи општествено одговорни практики и да креираат нови работни места и за ранливитете групи граѓани, беше речено на Форумот на добри компании „Нова економија: Бизнисите креираат еколошки, социјални и економски вредности“

понеделник, 10 декември 2018

Преку мерките за грижа за најранливите категории, зголемувањето на вработувањата и растот на платите, како и доближувањето на земјата до ЕУ и НАТО, заедно се движиме напред, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски на отворањето на Форумот на добри компании „Нова економија: Бизнисите креираат еколошки, социјални и економски вредности“ што се одржува во Скопје со поддршка на Европската унија и на германската амбасада. Фокус на Форумот е соработката помеѓу државата, компаниите и граѓанскиот сектор во креирање подобро општество за сите.

Потенцирајќи дека компаниите треба да најдат начин да дојдат до добивка користејќи општествено одговорни практики и да креираат нови работни места за сите групи граѓани, Тевдовски посочи дека во Македонија има примери на социјални претпријатија кои се истакнуваат со својата општествена одговорност.

„Одличен пример за тоа е списанието ‘Лице в лице’, кое економски и социјално ги засилува маргинализираните групи. А, секако дека во Македонија постојат и други примери на општествено одговорни организации. Тие вклучуваат најразлични активности, од грижа за ранливи граѓани, преку подигнување на свеста за селектирање на отпадот, па сè до поддршка на млади и иновативни луѓе. Вреди да се истакне дека во последните години општествена функција извршуваат и странските компании кои предводени од германските значајно го подобруваат стручното образование во земјава“, рече Тевдовски.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска зборуваше за добрата соработка со Министерството за финансии, како и за поддршката што Министрството ја доби во законското решение за јавни набавки да се вметнат резервираните набавки.

„Со стратегијата за социјално претприемништво создаваме екосистем за развој на социјалните претпријатија во Македонија. Овие претпријатија ќе бидат од голема помош за државата бидејќи ќе нудат социјални услуги на кои ќе биде купувач самата државата, но истовремено и ќе имаат обврска да вработуваат ранлива категорија лица, со што ќе придонесат за процесот на инклузија на различните во општеството. Услугите коишто би ги нуделе во старт овие претпијатија би биле од областа на здравството, рехабилитацијата и екологијата“, рече Царовска.

Според амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самјуел Жбогар бизнисот веќе не е фокусиран само на профит, туку исто така и на грижата за животната средина и социјалните прашања.

„Бизнисите, владините институции и сите во општеството треба да се фокусират на наоѓање начини, треба да идентификуваат деловни процеси, нови пазари и врски и секако користење технологија. Треба да најдат начин да дојдат до добивка користејќи практики кои се поволни за животната средина и за општетсвото. Да се креираат нови работни места за сите групи граѓани, вклучувајќи ги и тие со посебни потреби. Тоа, всушност, подразбира подобрување на социјалните услуги и секако, заштита на животната средина“, рече Жбогар.

Петер Шалер, заменик шеф на миисијата на Амбасадата на Германија потенцираше дека секое општество треба да се развива со вклучување на сите групи во работните процеси.

„Во секое општество постојат различни групи луѓе, со посебни потреби, зависници од дрога… Сакаме да постигнеме никој од таквите групи да не биде маргинализиран. Сакаме да ги вклучиме во работните процеси и тие да работат секој ден. Тоа не е одговорност само на државата, туку и на сите други организации. Компаниите треба да обезбедат работни места во ваквите групи во соработка со државата. Исто така, треба да бидат вклучени и невладите организации“, рече Шалер.


 

Содржината е прочитана 152 пати.