Инфо

Со пари од странски донатори Владата бара спас од загадувањето

Со финансиска и техничка помош од мѓународни донатори се очекува загадувањето за две години да се намали за 50 проценти

понеделник, 10 декември 2018

Владата бара финансиска и техничка помош од меѓународните донатори во борбата против аерозагадувањето и спроведувањето на двегодишниот национален план со кој се очекува намалување на загадувањето за 50 проценти.
Националните средства што се обезбедени од Буџетот, како што беше посочено на денешната донаторска конференција организирана во Владата, не се доволни за да се спроведе Планот за борба против аерозагадувањето, а потребна е и техничка помош и размена на позитивни искуства од европските држави во справувањето со овој глобален проблем.

Од Владата најавуваат помош во замената на старите нееколошки системи за затоплување со нови еколошки во јавните институции и во домаќинствата, субвенции за купување еколошки возила и за вградување плински уреди, а се надеваат дека ќе биде донесен и закон со кој ќе се забрани користењето јаглен како средство за затоплување.

„Граѓаните не сакаат да загадуваат, но ние треба да им помогнеме и тоа ќе го направиме со субвенции за еколошки извори, со подигнување на енергетската ефикасност на објектот, со замена на печките на јаглен и се надевам дека ќе добиеме консензуална поддршка во Собранието да се донесе закон за забрана за користење јаглен како извор на затополување. Тоа ќе биде една драстично корисна мерка која не треба да се искористи од аспект на социјала, туку од аспект на заштита на животната средина како една од клучните компоненти“, изјави заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

Според него, замената на старите и нееколошки системи за затоплување би дала најбрз резултат во однос на загадувањето, бидејќи, како што посочи, четири различни студии покажале дека околу 46 проценти во загадувањето учествуваат домаќинствата кои не се греат само на дрва и јаглен, туку користат и пластика и гуми.

„Ова не е само екоолошко, туку и економско прашање. На пример, градинка во општина Центар која се грее на нафта и која годишно троши 18 илјади евра, ако греењето го замени со инвертери тогаш сметката ќе се намали на 3.500 евра“, појаснува Макрадули, додавајќи дека во борбата против загадувањето потребно е да се вклучат сите чинители на државата, тргнувајќи од институциите до невладиниот сектор и граѓаните.

Се надева дека доколку се продолжи со замена на нееколошките извори, чистење на депониите, засадување на садници, засилени инспекции и заплена на нееколошки средства, резултатот брзо ќе дојде.

Според вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој е и национален координатор на странската помош, загадувањето не може да се реши со магично стапче и ад-хок решенија, туку потребни се краткорочни и долгорочни стратегии со низа мерки и активности за целосно надминување на проблемот.

„И сега имаме поединечни активности на донаторите преку разни проекти, но важно е тие да бидат комплементарни и во линија на нашата стратегија и да не се преклопуваат“, изјави Османи, додавајќи дека има добар одѕив од меѓународната заедница, меѓународните финансиски институции и организации.

Сите извештаи покажуваат дека во изминатиот период Скопје, Тетово и Битола се едни од најзагадените градови во Европа.
Пренесно од МИА

 

Содржината е прочитана 132 пати.