Интервјуа

Најновите светски трендови во „Семос Едукција“ – македонскиот едукациски центар за информатичка технологија

Интервју со Ирена Ивановска, менаџер во ИТ сектор во „Семос Едукација“ во кое говори за ексклузивното партнерство со еден од водечките cloud провајдери - „Amazon Web Services“, за имплементирањето на светските трендови во информатичката технологија во Македонија, но и за тоа дека жените се подеднакво способни да извршуваат една ваква, за многумина типично машка професија

понеделник, 10 декември 2018

МАРИЛИ: Информатичката технологија е најброрзастечката индустрија во модерното време со постојано имплементирање новини. Со оглед на фактот дека Вие сте 20 години во „Семос Едукација“, кажете ни колку брзо оваа компанија се прилагодува на светските трендови и дали брзо успева да ги примени кај нас? 
ИВАНОВСКА:
Сето она што е ново во светот, ние во „Семос Едукација“ први го нудиме на пазарите каде што работиме. Всушност, самите партнерства со светски познатите ИТ вендори кои ги застапуваме налагаат понудата да биде во линија со најновите продукти. Паралелно со понудата ги сертифицираме и нашите тренери на најновите продукти. Како компанија која работи на ИТ едукација и како дел од оваа држава, воопшто не заостануваме во однос на следење на светските трендови, туку напротив, многу брзо и ефикасно ги имплементираме.

МАРИЛИ: „Семос Едукција“ делува и како сервис за образовна поддршка за компании не само во Македонија, туку и во регионот. Од почетокот на октомври ја прошири дејноста и во Белград. Какви се услуги нудите?
ИВАНОВСКА:
Со нашите ИТ обуки редовно, години наназад, сме присутни во Македонија, Албанија и Косово, а од октомври оваа година ја проширивме дејноста и во Србија. Сите услуги кои ги имаме на македонскиот пазар ќе бидат понудени и во Србија. По истражувањето кое го спроведовме, увидовме дека на српскиот пазар му недостасува едукативен сервис кој би служел како “One Stop IT Shop” и тука ја препознавме можноста да се позиционираме како лидери и покрај силната конкуренција која постои во Србија.
Инаку, последните 7 години активно работиме и на европскиот пазар, каде што сме многу ценети и препознаени како компанија која нуди квалитетни тренери, со долгогодишна техничка експертиза и продлабочени знаења во областа која ја застапуваат. 

МАРИЛИ: Годинава ја заокружувате со една извонредна новина – станавте тренинг партнер на една од водечките cloud провајдери, американската компанија „Amazon Web Services“. Кажете ни нешто повеќе околу тоа, што ќе значи оваа услуга за нашите граѓани?
ИВАНОВСКА:
Од месец ноември станавме официјален AWS Training Partner, што значи дека преку авторизирани AWS инструктори ги нудиме официјалните AWS обуки и сертификати во Македонија, Србија, Албанија и Косово. Ќе понудиме обука во училница и online обука која ќе им помогне на ИТ професионалците да ги изградат своите cloud вештини и да се стекнат со меѓународно признаени AWS сертификати.
Во Западна Европа веќе се случува невиден бум и побарување од страна на ИТ компаниите за користење на AWS како број еден cloud сервис. Лесно е достапен, флексибилен како за користење во мали и startup компании, така и за големи enterprise организации. Оттука и се поголемата побарувачка на AWS обуки и сертификати во светот и, нормално кај нас.
Инаку, обуките се наменети за ИТ професионалци кои ќе учат архитектура на AWS, развој на AWS или системска администрација. Секако, AWS нуди и специјализации во следните области: BigData, Security, Machine Learning, Advanced Networking.

МАРИЛИ: Дали планирате и некои други новини во текот на 2019 година, какви планови има „Семос Едукација“ за во иднина?
ИВАНОВСКА: „Семос Едукација“ продолжува да расте интернационално и во наредните години. Тоа е еден долгорочен план на кој веќе подолго време работиме и успешно се етаблираме и на меѓународната сцена. А зошто и да не? Имаме квалитетни обуки, кои се спроведуваат од страна на квалитетни тренери кои воедно градат и интернационални кариери. Како што спомнав, квалитетот на нашите услуги е веќе препознаен од страна на европските партнери со кои соработуваме. Мрежата се шири. Не застануваме тука, туку продолжуваме во освојување нови пазари. Сакаме „Семос Едукација“ да ја извадиме и од европските рамки. 

МАРИЛИ: ИТ индустријата е најдинамичната индустрија во областа на технологиите. Што значи да се биде ИТ менаџер, колку е напорно и дали жените менаџери во овој сектор се изедначени со мажите? 
ИВАНОВСКА: Кариерата во ИТ ја започнав како прва жена во Македонија која стана Microsoft Сертифициран тренер. Да, на почетокот се сретнав со предрасуди, но набргу успеав да ги разбијам табуата и да докажам дека жените се подеднакво способни да извршуваат една ваква, дотогаш типично машка професија. Јас до ден денес силно верувам дека не постојат машки и женски професии, туку единствено луѓе кои добро и професионално ја извршуваат својата работа наспроти оние кои не ја сакаат својата професија. 

МАРИЛИ: Како и со што ги полните батериите по напорниот работен ден? Дали имате некое хоби со кое се занимавате приватно, а да не е поврзано со компјутери?
ИВАНОВСКА:
ИТ индустријата е многу динамична и работниот ден не е 8 часа. Откако ќе завршат работните обврски, откако ќе ги однесам и вратам децата од воншколски активности, навистина ретко кога наоѓам време за опуштање. Но, кога навистина ми треба одмор, тогаш одам на концерти. Сакам музика и танц. Тоа е мојата пасија која ми ги полни батериите. Она што, пак, најмногу ме опушта е трчањето покрај Вардар, читањето стручна литература и белетристика, како и добар разговор со пријателите.
 

Содржината е прочитана 1020 пати.