Бизнис вести

Потпишан договор за државна помош со швајцарската компанија „Баумер“

Компанијата „Баумер“ произведува индустриски сензори и процесни мерни инструменти и планира во Македонија да инвестира околу 9 милиони евра во три фази и да вработи 350 луѓе

петок, 07 декември 2018

Марсел Фрај, извршен директор на швајцарската компанија „Баумер“ која гради свој капацитет во ТИРЗ Скопје 1во Бунарџик и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Александар Младеновски денеска потпишаа договор за државна помош за делумно субвенционирање со мерките од Планот за економски раст.

Планираната инвестиција на „Баумер“ во Македонија е околу 9 милиони евра во три фази и вработување на околу 350 луѓе. Во првата фаза на простор од 3.840 квадратни метри ќе се инвестираат помеѓу шест и седум милиони евра и ќе се вработат од 150 до 200 лица. Во објектот со ЦНЦ технологија ќе се произведуваат кабли, индуктивни сензори, енкодери и полуфабрикати. Втората фаза е планирана за 2023 година кога ќе се прошират објектите за дополнителни 4.000 квадрати и дуплирање на бројот на вработени со што инвестицијата би достигнала осум милиони евра и најмалку 300 вработени, додека третата фаза, зависно од економските услови, е изградба на дополнителен администартивно-деловен дел на 2.000 квадратни метри со што инвестицијата би достигнала малку над девет милиони евра и вкупно 350 вработени.

„Баумер“ е семејна компанија која се развива 66 години и произведува индустриски сензори и процесни мерни инструменти. Има 38 подружници во 19 земји во кои работат повеќе од 2.700 луѓе, а со продажба е присутна во повеќе од 70 земји во светот.

„Како Влада сме посветени да направиме брза и квалитетна индустријализација на Македонија, но не со трудоинтензивни дејности во кои вработените земаат по 200 до 300 евра плата, туку со високотехнолошки развиени компании какви што успеваме да привлечеме во последно време. Во нив ќе работат претежно инженери и ќе дадеме шанса на нашите млади и високообразовани кадри да останат во нашата држава за солидни плати и солиден стандард. Очекувам компанијата ’Баумер да има сериозен придонес во тоа“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев по потпишувањето на договорот.

Директорот на „Баумер“ во Македонија, Новица Шотаровски посочи дека компанијата во Македонија почнува нова сторија во своето бизнис портфолио.

„Растотот на побарувањето на сензорската технологија во светски рамки е проектиран на 11 проценти годишно со тренд да достигне 541 милијарда долари до 2022 година. Ценејќи го овој тренд ’Баумер’ постојано инвестира и се развива. Покрај тоа што во логото на компанијата стои ’пасија за сензори’, постои и пасија за луѓето кои ги создаваат тие сензори и технологија, особено за нивното здравје и сигурност. На 15 март, кога фабриката во Скопје ќе биде пуштена во употреба ќе биде опремена со внимателно избрани системи за одржување на потребните работни услови. Вработените од менаџментот и производството ќе посетуваат повеќе неделни обуки во Швајцарија и Германија“, рече Шотаровски и нагласи дека „Баумер“ во Скопје ќе отвори и Центар за иновации и развој во кој ќе се вработат околу 30 софтверски, електро и машински инженери кои ќе создаваат нови генерации на производи.

 

Содржината е прочитана 167 пати.