Бизнис вести

Јавна расправа за данокот на личен доход

Стопанствениците остануваат на ставот дека воведувањето даночна реформа сега нема да ги даде очекуваните резултати и бараат нејзино одлагање за пет години. Најавено е поднесување амандмани на Предлог-законот

петок, 07 декември 2018

Бизнис секторот денеска уште еднаш повтори дека најавената даночна реформа во овој момент нема да ги даде очекуваните резултати и побара нејзино одлагање за пет години.

Предлог-законот за данокот на личен доход го образложи министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој истакна дека се предлага да се промени постојниот систем на рамен данок со воведување прогресивно оданочување, со цел да се овозможи поправеден систем на оданочување на доходот на граѓаните, намалување на социјалната нееднаквост и зголемување на буџетските приходи.

Но, ставот на експертите, сепак, се разликува од тој на Владата. На денешната јавна дебата за Предлог-законот во Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на која учествуваа експерти, професори, стопанственици, претставници на разни институции, организаци и асоцијации беше речено дека најавеното воведување на прогресивниот данок ќе придонесе за поголем одлив на мозоци од државата, ќе ги намали странските инвестиции, а ќе ја зголеми сивата економија. Експертите сметаат дека со прогресивното оданочување најпогодени ќе бидат вработените во ИТ секторот, каде се и највисоките плати, па може да се очекува компјутерџиите да ја напуштаат државата. Ставот на експертите е дека е преамбициозно да се очекува да се постигне праведност и еднаквост со повисоко оданочување на само еден процент од населението, бидејќи тоа нема да има ефект.

Економистите ја поддржуваат иницијативата да се премине од рамен на прогресивен данок, но сугерираат реформата да не запре тука, туку да ги опфати и другите даноци.

„Учесниците во дискусијата беа сложни околу тоа дека станува збор за идеолошко прашање. Забелешките се во насока на тоа дека иако земјите во светот го имаат воведено прогресивниот данок, со овој концепт тој тешко може да функционира во Република Македонија, со оглед на тоа што само мал број луѓе, односно 1 процент спаѓаат во категоријата богати. Мора да постојат неколку транши, а не само две, затоа што не се обезбедува правичност во даночниот систем доколку сите до 90.000 денари личен доход се стават во ист кош и оние над 90.000 повторно во ист кош. Исто така, очекуваните 25 милиони евра доколку им се поделат на 460 илјади сиромашни, тоа би значело само по 240 денари месечно. На овој начин единствено би биле казнети оние кои остваруваат доход од труд, како ИТ-секторот, докторите, професорите, за разлика од најбогатите кои остваруваат доход од капитал. Вака замислен новиот Предлог-закон не ги остварува целите, туку е само вовед во една прогресија“, велат од собраниската Комисија.

На Комисијата за финансирање и буџет едногласно беше усвоен заклучок да бидат поднесени амандмани на Предлогот на Законот за данок на личен доход, (скратена постапка) кои ќе бидат во насока на подобрување на текстот на одредбите на Предлог-законот.
 

Содржината е прочитана 132 пати.