Инфо

ВБИФ одобри три инвестициски проекти за Македонија вредни 24 милиони евра

Средствата се однесуват на изградба на автопат А2 Гостивар – Кичево -делница Букојчани – Кичево, за рехабилитација и реконструкција на државен пат А2 делница Крива Паланка – Деве Баир и за подготовка на Физибилити студија и на Студија за влијание на животната средина на проектот „ХЕ Чебрен“

петок, 07 декември 2018

Управниот комитет на инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ (Western Balkas Investment Framework – WBIF) донесе одлука на Република Македонија да ѝ одобри три апликации за инфраструктурни проекти во вкупен износ од 24 милиони евра грант (неповратни) средства за техничка помош и инвестиции

Одобрена е апликација за изградба на автопат А2 Гостивар – Кичево и тоа за делница Букојчани – Кичево во должина од 12,7 километри, како дел од Коридор 8, при што се обезбедени 20.348.000 евра. Вкупната вредност на проектот за изградба на оваа автопатска делница изнесува околу 105 милиони евра. Останатите средства ќе се обезбедат од ЕБОР, во вид на заем во износ од 79,2 милиони евра, а со 6 милиони евра ќе учествува Јавното претпријатие за државни патишта.

Втората одобрена апликација за инвестициски грант се однесува за градежни работи за рехабилитација и реконструкција на државен пат А2 делница Крива Паланка – Деве Баир (Граница со Бугарија). Со оваа апликација се обезбедени 2,57 милиони евра за инвестиции и 50.400 евра за техничка помош. Проектот предвидува рехабилитација и проширување на патната делница во вкупна должина од 13 километри, која е дел од источниот Пан-европски патен коридор 8, со што придобивките од реализацијата на проектот би биле не само од национален, туку и од регионален интерес. Како што соопштуваат од кабинетот на вицепремиерот за европски прашања, за реализација на овој проект на 20 септември се склучени два договори, договор за заем и договор за гаранција, со што од ЕБОР е обезбеден заем во висина од 10 милиони евра, а ЈПДП ќе учествува со 1,37 милиони евра сопствени средства

На крајот, во рамки на 20-иот ВБИФ повик, одобрена е и апликацијата за грант средства за техничка помош во износ од еден милион евра за подготовка на Физибилити студија и на Студија за влијание на животната средина и социјалните аспекти на проектот „ХЕ Чебрен“. Со Физибилити студијата ќе се направи детална анализа на целокупната досега изработена техничка документација за објектот и ќе се дефинира оптимално техничко решение кое треба да биде финансиски и економски одржливо, а воедно ќе се разгледа и стратешката оправданост на оваа инвестиција. Паралелено ќе се изработува и Студијата за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти, која ќе биде изработена согласно меѓународните стандарди и конвенции за објекти од ваков тип и согласно домашната легислатива.

Инструментот Инвестициска рамка за земјите од Западен Балкан (Western Balkans Investment Framework-WBIF) официјално беше отворен во 2009 година, како заедничка иницијатива на Европската комисија, Банката за развој при Совет на Европа, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициона банка (ЕИБ) и подоцна приклучените Светска банка и Германската развојна банка (KFW). Средствата за WBIF главно доаѓаат од следните извори: Ресурси алоцирани од Регионалниот ИПА пакет; Грантови кои што ги доделуваат меѓународните финансиски институции; Грантови кои што ги доделуваат билатералните донатори преку Заедничкиот фонд за Западен Балкан (European Western Balkans Joint Fund – EWBJF), соопштија од кабинетот на вицепремиерот за европски прашања.

 

Содржината е прочитана 155 пати.